Наградени есеи – Средношколска видео лектира (12. ФФФ)

Ги соопштуваме наградените ученици на Конкурсот за најдобар фил(м)ософски есеј од сегментот Средношколска видео лектира (СВЛ) на Едукативната програма на 12. Филозофски филмски фестивал (12. ФФФ). Есеите оваа година беа инспирирани од извонредниот филмски класик „12 гневни луѓе“ (12 Angry Men, 1957) на американскиот режисер Сидни Ламет, а учениците пишуваа на тема: ПРАВДАТА, ГНЕВОТ И ПРЕДРАСУДИТЕ: КАКО ДА СЕ СУДИ НЕПРИСТРАСНО.
Конкурсот, како и секоја година, беше анонимен (Комисијата ги добива есеите само со реден број, без име и презиме на учениците) и одлучува според следниве критериуми: оригиналноста на пристапот кон зададената тема; квалитетот на анализата на проблемите третирани во есејот; нивото на демонстрирани филозофски знаења; соодветна употреба на поимната апаратура; аргументациските аспекти и стилските белези на есејот; поврзаноста и релевантноста на есејот со филмската тема. На Конкурсот пристигнаа 37 есеи, а трочлената Стручна комисија во состав проф. д-р Слободанка Марковска, дипл. проф. по филозофија Марко Касапов и дипл. проф. по филозофија Стефан Видиков, ги награди следните ученици:
——————————————
Трето место: ТАТЈАНА БОСИЛАНОВА
(ментор: Јосиф Печков), СОУ ,,Јане Сандански“ – Струмица
Второ место: МАРИЈА ВЕЛИНОВА
(ментор: Данка Јовева), СОУ „ Славчо Стојменски“ – Штип
Прво место: КСЕНИЈА МАНО
(ментор: Евгенија Наумовска Маневска), СОУ „Таки Даскало“ – Битола
——————————————
Честитки до трите наградени ученици, како и до нивните ментори! Најавуваме дека на 6 јуни (понеделник, 17:30 ч.) во Кинотеката на С. Македонија. Филозофското друштво на Македонија и тимот на Филозофскиот филмски фестивал организира свечено доделување на наградите од овој Конкурс, но и од натпреварите по Филозофија и Македонската филозофска олимпијада, каде што соодветно на видот на натпреварот учениците ќе ги добијат предвидените награди.
За учениците победници на Конкурсот за најдобар фил(м)ософски есеј се прдвидени следните награди: едногодишни стипендии од Internacionalen Univerzitet Europa PRIMA (поранешна ЕФТА/ЕСРА), ДВД-а од македонски филмови и списанието „Кинопис“ од Кинотека на Северна Македонија, филозофска литература од издавачката куќа Аз-Буки, книги и списанија од областа на филозофијата и филмот од Филозофското друштво на Македонија и ваучери во финансиска вредност од 6000, 3000 и 1500 ден. соодветно, во соработка со нашите институционални покровители: Министерство за култура. Победничкиот есеј, исто така, ќе биде објавен и во националното филозофско списание „Филозофска трибина“.
Им посакуваме многу идни успеси на сите учесници во Конкурсот и нивните ментори, и со радост гледаме на нивните идни истражувања во областа на филозофијата и филмот!
——————————————
Одлуките на Стручната комисија во однос на есеите:
Трето место: Татјана Босиланова
„Во есејот под реден број 7, авторот/ката добро ја препознава перенијалноста на филмската тема, што лесно се увидува во изнесувањето на современиот контекст. Оттука овој есеј претставува една реактуелизација на филмската тема, обид да се препознаат современите проблеми во универзалната антитеза која му претходи на секој вредносен суд. Особено внимание им е посветено на антрополошките прашања поврзани со нормативниот и емпирискиот поим на човекот, имено ако споделуваме иста човечка природа, зошто луѓето имааат различни вредности и предрасуди кои можат да се покажат како кобни при донесување на праведна пресуда. И покрај сознанието за големата присутност на предрасудите и корумпираноста, авторот/ката верува дека може да се постигне вистински морален интегритет, доколку се потпреме на разумот.
И на крајот да истакнеме дека есејот е убаво структуруран и во него успешно се користи филозофско и критичко реферирање и јасна филозофска аргументација.“
Второ место: Марија Велинова
„Во есејот под реден број 30 авторот/авторката успешно ги анализира филмските поенти презентирани во филмот на Сидни Ламет користејќи го не само своето солидно филозофско знаење туку и симболиката во уметноста како појдовна точка во разоткривањето на филозофската заднина на филмот. Потпирајќи се на учењата на Сократ, Френсис Бекон, Дејвид Хјум и Рене Декарт, главната теза на авторот/авторката е дека за непристрасно судење и надминување на предрасудите е неопходно да се развие рационален сомнеж.
Есејот се одликува со добро одмерена и конзистентна аргументација, умешно и ненаметливо се користи со реферирање кон филозофска, естетичка и критичка литература. Дополнително, во есејот се почитува есејската структура што овозможува јасно и разделно да се препознаат поентите кои се изведени низ текстот.“
Прво место: Ксенија Мано
„Една од главните доблести на есејот под реден број 31 е што во него може да се препознае дека авторот/авторката има извонредно познавање на универзалните филозофски теми кои со леснотија ги поврзува со филозофските контекстуални постулати што ги увидел/а во филмската лектира. Во таа смисла авторот/авторката нема дилеми дека ремек делото на Сидни Ламет освен уметничките квалитети е проникнато со филозофска вредност и нѐ исправа пред многу актуелни прашања за нашето суштествување како луѓе. Јасно лоцираниот проблем на непристрасното версус пристрасното судење е проследен со елаборирање и анализа на причините и етичките импликации од нашите избори кога се одлучува за правдата. На трагата на хуманистичката традиција на филозофијата во есејот се пледира дека најсветлиот пат до правдата се темели на потпирање на разумните морални вредности кои ќе ни помогнат да ги надминеме и предрасудите и емоциите во одлучувањето.
И на крајот да истакнеме дека во однос на структурата, понудената анализа, аргументацијата на ставовите и цитирањето на консултираната литература есејот ги задоволува критериумите на академското пишување.“

Related Post