Повик за СВЛ и Конкурс за есеј 2023

Од 2016 година, Филозофскиот филмски фестивал својата годишна одисеја неофицијално ја започнува со Едукативната програма, односно сегментот именуван како Средношколска видео лектира. Тој се состои од организирано гледање на филмски класик и Конкурс за најдобар фил(м)ософски есеј на тема инспирирана од филмот. Исто како и минатата година, и годинава средношколската популација ќе има можност да го погледне филмот на некоја од седумте регионални проекции (Скопје, Битола, Гевгелија, Неготино, Охрид, Тетово и Штип), во периодот меѓу 4-11 април. Првата проекција ќе се одржи во Скопје (МКЦ, кино „Фросина“, 4 април, 17:30 ч.). Годинава ќе биде прикажан шпанскиот класик ДУХОТ НА УЛИШТЕТО (El espíritu de la colmena / The Spirit of the Beehive, 1973) на Виктор Ерис, а учениците своите есеи ќе ги пишуваат на тема: „Детската игра, фантазијата и соочувањето со конечноста на животот“. Овој сегмент од Едукативната програма оваа година е во соработка со нашите пријатели од Шпанската амбасада во Скопје. Рокот за испраќање на есеите е 5 мај 2023 година, додека на специјален настан пред почетокот на Главната програма на Фестивалот ќе бидат доделени наградите на авторите на трите првопласирани есеи.

И оваа година нашите соработници, спонзори и пријатели богато ќе ги наградат учениците: Универзитетот ЕУРОПА ПРИМА со три едногодишни стипендии, парични награди (6.000, 3.000 и 1.500 ден. соодветно за тројцата првонаградени ученици), филозофски списанија „Филозофска трибина“ и зборници од Филозофското друштво на Македонија, филозофска литература од издавачката куќа „Аз-Буки“, подароци од Кинотеката на Македонија, курс по шпански јазик и книги од Амбасадата на Шпанија во Скопје, а првонаградениот текст ќе биде објавен и во националното списание за филозофија „Филозофска трибина“.
Како и секоја година, со нетрпение ќе ги очекуваме вашите есеи инспирирани од филмскиот класик, со надеж дека ќе ве видиме во што поголем број на нашите проекции (настаните се од затворен карактер, односно се наменети за средношколците од гимназиите кои учествуваат во проектот).

Фестивалот е организиран во соработка со Филозофскиот факултет при УКИМ и институционално е поддржан од Агенцијата за филмМинистерството за култура и Градот Скопје.

Повеќе информации можете да најдете на Повикот

Related Post