Јонас Керуп Хјорт: Сакав да го потопам протагонистот во густ сос на егзистенционализам

Разговараше: Златко Ѓелески

Во рамките на дванаесеттото издание на „Филозофски филмски фестивал“ гостуваше данскиот режисер Јонас Керуп Хјорт (Jonas Kærup Hjort), авторот на долгометражниот филм „Претпоследниот“ (The Penultimate / Den Næstsidste, 2020), којшто беше прикажан во просториите на Кинотеката на С. Македонија, на 3-ти јули. Во неговото долго дебитантско остварување го впрегна протагонистот, водоводниот инспектор, да се упати во еден кафкијански лавиринт, небаре е марионета во театарот на апсурд, којшто е во потрага по значењето на животот, а наместо тоа, талка во егзистенционален безизлез. По повод прикажувањето на неговиот филм имав можност да поразговарам со режисерот кој љубовта кон уметноста ја негува уште од студентското инволвирање во независните театарски трупи.

Златко Ѓелески: Кога за првпат се јави кај тебе фасцинацијата за филмот? Кога согледа дека ќе се занимаваш со филмската уметност?

Јонас Керуп Хјорт: Уште во средното училиште бев филмски љубител, но не можев да се замислам себеси дека професионално ќе се занимавам со филм. Мојата сестра е актерка и таа ми посочи дека постои школа за актери, своевиден интернат за возрасни, кајшто живееш шест месеци и потоа се насочуваш на специфични предмети. Ми се допадна школата и започнав да изучувам глума. Потоа заминав за Копенхаген и започнав да се занимавам во независната театарска сцена. Секогаш кога бев на бина, подготвувајќи се за претставите, често им говорев на режисерите – што ако светлото е тука и звукот е таму, а режисерот ќе ми речеше – да, да, ќе се погрижам за тоа, а ти ќе може да си ја играш улогата?! Тогаш сфатив дека сакам да режирам и собрав храброст, ги поканив моите пријатели да глумат во моите дела. Режирав неколку театарски претстави и ми се допаѓаше што гледачите ги прифатија моите насоки и имав слобода да си играм како сакам, но тешко ми беше кога сакав да бидам специфичен, кога требаше да нагласам нешто или да зумирам, односно да го придвижам нивното внимание, тогаш не можев да го направам тоа во театар. Па затоа зедов камера и почнав да ги снимам моите пријатели и потоа решив да одам со камера ширум светот.

Златко Ѓелески: Доколку би ми дозволил, би го дефинирал твојот дипломски филм „За еден месец“ (In a Month / ‎Om En Måned, 2017) како Бела Тар да имал кошмар и наместо на Дејвид Линч, му се јавил по грешка на Рој Андерсон и му рекол трпеливо да го чека Годо. Колку апсурдното гледање во месечината во „За еден месец“ беше загревање за долгиот филм, односно тест за визуелниот стил?

Јонас Керуп Хјорт: Дефинитивно. Кога го работев дипломскиот филм, изучував класична нарација, кајшто имаш главен лик, кој ќе го следиш низ севкупното патешествие и девет од десет пати е точниот пристап. Меѓутоа, не сакав да следам еден лик, туку група на ликови, како општество, како стадо. Ме фрустрираше што сите ми викаа дека морам да одберам еден од групата на ликови, но јас ја донесов последната одлука да се држам до замислата за група на ликови. Точно е дека „Чекајќи го Годо“ има силен удел. Со кинематограферот дискутиравме како да работиме со темнината и дојдовме до идејата за месечината. Постои нешто што се нарекува болест од гледање во месечина, која ни послужи како будно око на небото, кое гледа во нив и ги полудува, третирајќи ја како уште еден лик во филмот.

Златко Ѓелески: Налик делата на Франц Кафка, протагонистот го води гледачот низ лавиринтот во „Претпоследниот“. Кога и како падна одлуката водоводниот инсталатер да биде симбол за едно патешествие на човекот низ животот, во потрага по неговото значење?

Јонас Керуп Хјорт: Чувствувам потреба моите филмови да ги започнам со лик, кој налик нас, луѓето, се буди и се препушта на животот. „Претпоследниот“ посакав да го предводи човек, којшто доаѓа од ништото, се раѓа, пристигнува во животот. Додека го пишував филмот, на почетокот, водоводниот инсталатер требаше да се разбуди во зградата и посакуваше да излезе од неа, но мојот консултант на институтот кој го финансираше филмот ме запраша – ако се разбуди ликот во зградата, тогаш не знае што има надвор и зошто би сакал да излезе од неа? Со секој драфт на сценариото се обидував да ја одбранам мојата одлука, па дури и имав реплика во која објаснува дека сака да излезе надвор, затоа што не може да излезе надвор. На крај се договоривме да пристигне во објектот, за да согледаме дека доаѓа од надвор. Сакав да трага по вода, која за мене во овој филм беше значењето на животот, па затоа сакав да биде водоводен инсталатер, кој ќе ги проверува водомерите. Затоа и сакав да прикажам сува зграда, во која нема ни капка вода.

Златко Ѓелески: Колку со аспектот на снимање од 1:33:1 сакаше да ја доловиш  клаустрофобијата, покрај бетонската зандана на продукцискиот дизајн?

Јонас Керуп Хјорт: Направивме тестови и тоа што сакавме да го направиме е зградата да делува како катедрала. Човекот да биде мала креатура во споредба со големиот универзум. Направивме пробни фотографии и видеоснимки и решивме да провериме во кој случај зградата изгледа највисока. Со секое стеснување на кадарот зградата изгледаше сe повисока.

Златко Ѓелески: Колку надреализмот и естетизацијата на баналното на филмовите на Рој Андерсон имаа удел во градењето на визуелизацијата?

Јонас Керуп Хјорт: Кога го погледнав неговиот филм „Песни од вториот кат“, почувствував нешто, што можеби и ти си го доживеал, дека сум погледнал нешто што дотогаш не сум го видел. Тоа влијаеше врз мене. Немав намера да снимам ројандерсонов филм, но тој егзистенционален минимализам и поигрувањето со хуморот, ми остави силен впечаток. Кога работев со дизајнерите на костимите, сакавме да личат ликовите на луѓе, костимите да бидат анонимни, да се спојат еден со друг. Кога ги облековме како тие што ги погледна во филмот, заклучивме дека кошула и кравата е малку опасно, затоа што ќе помислиш на Рој Андерсон. Пробавме различни начини и изгледаше се полудо и полудо и одлучивме да му го дадеме тоа што на филмот му треба, па гледачите ќе го кажат тоа што сакаат да го посочат. Рој Андерсон си има свој универзум и работи исклучиво во тој универзум. Не е тоа мој начин на работа. Мојот нареден филм нема да биде во овој филмски универзум. Тој ќе има многу повеќе боја и немам намера да го повторам истиот универзум.

Златко Ѓелески: Користиш долги кадри во кратките филмови, станувајќи составен дел од твојот филмски вокабулар и во „Претпоследниот“. Што овозможува долгиот кадар да се постигне во едно дело?

Јонас Керуп Хјорт: Не можеш да кажеш дека секој рез е затворање и отворање на окото. Кога ќе гледаш сцена со многу резови стануваш свесен дека гледаш филм. Јас сакав да го потопам протагонистот во густ сос на егзистенционализам и не сакав да му дадам можност на гледачот да трепне. Сакав гледачот да остане покрај него, во овој стадиум, во филмот. Не сакав да му оставам простор на гледачот да земе воздух.

Златко Ѓелески: Што сакаше да доловиш со фрагментираноста со мноштво ликови?

Јонас Керуп Хјорт: Филмот е поделен на четири поглавја. Во првото поглавје сме родени и учиме како да чекориме и говориме во светот околу нас. Во второто поглавје за да бидеме дел од овој свет, понекогаш треба да лажеме и да навигираме во светот. Во третиот дел одлучува да приграби тоа што сака, се тепа, има секс, прави што ќе посака, берејќи ги плодовите на животот. Во последното поглавје дознава дека нема излез. Све е безначајно и почнува да ја прифаќа судбината. Споредните ликови со кои се соочува се олицетворени чувства со кои се соочуваме во животот. Како на пример женскиот лик кој го измачува е обоен со љубомора.

 

Златко Ѓелески: Како функционира државното финансирање на филмови во Данска, имаат ли можност младите режисери да дојдат до погодни услови за снимање?

Јонас Керуп Хјорт: Најпрво, ние имаме навистина добри услови. Кога моите колеги од другите држави ќе ги погледнат финансиските износи на фондовите сметаат дека се многу дарежливи. Меѓутоа, мора да се земе предвид цената за изнајмување на камера во Данска, во споредба со Македонија, на пример. Можеби имаме поголема сума, но потребни ни се истите работи за снимање на филм. Пред неколку години важеше дека потребни се десет години откако ќе дипломирате факултет да го снимите вашиот прв долг филм во Данска.

Златко Ѓелески: Слично е и тука. Генерацијата на режисери кои ги снимаат своите дебитантски долги остварувања ги нарекуваме млади режисери, а имаат четириесетина години.

Јонас Керуп Хјорт: Во институтот ги добија тие статистики и сакаа да променат нешто. Политичарите направија пресметка дека се вложуваат толку многу пари во образование, кои долг временски период не снимаат по дипломирањето живеат од социјалниот систем. Тие направија нова програмска шема именувана „Новиот дански екран“, нудејќи им финансиска можност на режисерите да снимат нискобуџетни филмови. Може да се образува професионална продукција, но кога ќе се доделат срествата за позициите, скоро ништо не преостануваше за да се сними филмот. Кога открија дека средствата се премали ги зголемија, кои во светски рамки сѐ уште се нискобуџетни средства, но е можност за младите режисери да снимат филм. Тешкотијата е како да се разликуваат филмовите, затоа што најчесто се снимаат на една локација, на рака, но се надевам дека мојот филм изгледа поразлично.

Златко Ѓелески: Кој е твојот нареден филмски предизвик и дали би продолжил да го користиш овој визуелен стил во иднина?

Јонас Керуп Хјорт: Филмот којшто моментално го работам е многу подинамичен. „Претпоследниот“ е за човек кој е заглавен и зградата е неподвижна, па затоа камерата ја има истата ДНК. Следниот филм ќе биде роуд-филм. Сѐ уште немаме детализирано како ќе изгледа, но сметам дека ќе биде подинамичен, затоа што ќе вклучува патување.

Related Post