НОСТАЛГИЈА (17.06) – Ретроспектива Тарковски
17 јуни (четврток), 20.00
Летно кино „Мирно лето“ (Кинотека)
воведно излагање на Владимир Љ. Ангелов
НОСТАЛГИЈА (Nostalghia, 1983)
реж. Андреј Тарковски / Andrei Tarkovsky (RU/IT), 125’
19 јуни (сабота), 17.00
„Киноверзум“, МСУ Державин / Свети Николе
НОСТАЛГИЈА (Nostalghia, 1983)
реж. Андреј Тарковски / Andrei Tarkovsky (RU/IT), 125’
Соработка со Амбасадата на Италија во Скопје
Андреј Горкачов, руски поет, патува во Тоскана, Италија, за да го истражи животот на еден руски композитор од 18-тиот век, Павел Сосновски. Но, уште на почетокот од ова патешествие, Андреј брзо чувствува немир и посакува да се врати во Русија.
Тарковски вели дека на руски зборот „носталгија“ значи „љубов кон татковината и меланхолија да се биде далеку од дома“. Овој копнеж по домот од каде што се доаѓа е отелотворен токму во Андреј (Олег Јанковски, ОГЛЕДАЛО).
НОСТАЛГИЈА, поетска визија за егзилот, е првиот од филмовите на Тарковски коишто ги има снимено надвор од Русија, земјата во којашто никогаш повеќе нема да се врати. Во филмот тој користи долги, соновидни секвенци и минимална приказна, а за филмот напишан во соработка со Тонино Гуера (еден од честите соработници на Антониони), Хоберман ќе рече „НОСТАЛГИЈА не е толку филм, колку што е место во коешто може да се населите за два часа“.
За филмот Тарковски ја добива наградата Најдобар режисер на Канскиот филмски фестивал во 1983 година, којашто ја дели заедно со Робер Бресон.
Владимир Љ. Ангелов по дипломирањето на ФДУ, кратко работи како продуцент во Вардар филм, а од 1995 г. работи во Кинотеката и во 2017 г. е назначен за директор. На почетокот на кариерата работи на рекогнисцирање и реставрација на македонскиот филмски фонд, a од 2006–2017 е одговорен за реализација на месечната филмска програма, реализирајќи и соработувајќи на голем број проекти како прикажување на филмски циклуси од разни национални кинематографии, ретроспективи на автори, како и презентација на програми посветени на филмската класика, но и на современата кинематографија. Од 1997 соработува со списанието КИНОПИС и објавува околу триесеттина текстови. Соработува со повеќе филмски фестивали, и бил член на жирија на Watch Out, Филозофски филмски фестивал, Синедејс.