Гостување на режисерите на победничките филмови – 9ти и 13ти мај 2018

Традиционално, во месец мај, Филозофскиот Филмски Фестивал организира две Специјални проекции – репризно прикажување на победничките филмови на Фестивалот во присуство на режисерите.

Љубителите на филм-философијата ќе имаат ретка можност за средба со добитниците на наградата „Златен був“ во конкуренција на долгометражни филмови од жирито и од публиката. Во среда (9. мај) со нас ќе биде унгарскиот режисер Роланд Враник, додека во недела (13. мај) ќе се дружиме со романскиот режисер Теди Некула. Проекциите се бесплатни и ќе се одржат во Кинотеката на Македонија. По прикажувањето на филмовите се предвидени модерирани разговори со гостите во коишто ќе може да се вклучи и публиката.

Филозофскиот Филмски Фестивал е организиран од Филозофското друштво на Македонија. Специјалните проекции се реализираат со поддршка на Агенцијата за филм на Република Македонија.

9 мај (среда), 21:30, Кинотека на Македонија

ГРАЃАНИНОТ (The Citizen / Az állampolgár, 2016)

реж. Роланд Враник / Roland Vranik (HU), 110 мин.

Најдобар долгометражен филм според жирито на ФФФ 2018

Вилсон е Африканец кој живее во Будимпешта. Дошол во Унгарија како политички бегалец и сака да стане унгарски државјанин, но неколку пати по ред не успева во тоа. ГРАЃАНИНОТ го отвора прашањето за местото и статусот на поединецот – граѓанин во една земја (матична или туѓа) или во светот воопшто. Што значи да се биде граѓанин денес?

Филмот на суптилен начин го поставува ова прашање, во време кога, од една страна, сè повеќе се универзализираат еднаквоста, слободата и граѓанството, но од друга страна, се соочуваме со безбројни пречки на патот да се биде или да се (о)стане граѓанин денес.

ГРАЃАНИНОТ на унгарскиот режисер Роланд Враник е добитник на наградата за Најдобро сценарио на Фантаспорто филмскиот фестивал во Порто, Португалија.

РОЛАНД ВРАНИК (Roland Vranik) по завршувањето на студиите работи на повеќе краткометражни и долгометражни домашни и интернационални филмови како продукциски менаџер и асистент на режија, а бил и член на Positive Production Workshop. Во 2000 год. добива грант од Балаш Бела Студио со кој го напишал и режирал експерименталниот краткометражен филм Доминатор 2000 (Dominator 2000, 2001). Истата година тој е асистент на режија на Бела Тар за „Хармониите на Веркмајстер“ (Werckmesiter Harmonies, 2000). Неговиот прв долгометражен филм „Црна четка“ (Black Brush / Fekete kefe, 2015) е добитник на повеќе филмски награди, а „Трансмисија“ (Transmission / Adás, 2009) се има прикажувано на повеќе од 20 реномирани филмски фестивали.

13.05 (недела), 20:00, Кинотека на Македонија

КРАЈ МЕНЕ (Beside Me / Coborâm la prima, 2017)

реж. Теди Некула / Tedy Necula (RO), 84 мин.

Најдобар долгометражен филм според публиката на ФФФ 2018

Подземната железница во Букурешт е блокирана во утринските часови, само еден ден по ужасниот пожар во еден од ноќните клубови на главниот град со голем број починати или поврдени млади луѓе. Овој инспиративен филм на младиот романски режисер Теди Некула, на кој истовремено може да се гледа и како на социјален експеримент, претставува алегориска приказна за самиот свет и за односите во него. Луѓето тргнати на пат почнуваат да разговараат еден со друг. Што се случува кога времето, магично или механички, ќе застане за еден момент… или за половина час? Кога другиот сум јас, а јас сум другиот и кога времето „изгубено“ може да се претвори во време „добиено“ (пријател, искуство, разговор). На крајот на патот претворен во патешествие, некој излегува променет.

ТЕДИ НЕКУЛА (Tedy Necula) е романски режисер кој режира и продуцира инспирациски филмови. Има создадено повеќе од 40 филмски и документарни проекти што таргетираат социјални проблеми во Европа. Некула тогаш има прилика да биде во контакт со луѓе од ранливи групи како деца без родители, лица со попреченост, жени затвореници, лица болни од СИДА и заедници под ризик. Неговата лична филозофија и искуство го прави да ја бара инспирацијата во наративот на секоја приказна, дури и на оние места каде што другите би нашле само драма.

Related Post