Ден 4 –
Прва вечер на краткометражни филмови
АВИВА, ПРОБЛЕМОТ СО ПРИРОДАТА и Првата вечер од Официјалната селекција на краткометражни филмови вечерва на Филозофскиот филмски фестивал
Филозофскиот филмски фестивал продолжува со засилено темпо и денеска. Филмската вечер се отвора во 17 часот со втората проекција на АВИВА, најновиот филм на израелско-американскиот режисер Боаз Јакин. Филмот кој магазинот Rollingstone едноставно ќе го опише како „Сексуално исцеление, танц по танц” вклучува егзалтирачки танцови сцени и двајца протагонисти играни од четворица различни актери. Ова е последна прилика публиката да го погледне на Големото платно.
По АВИВА, во 19 часот, следува премиерното прикажување на дебитантскиот ПРОБЛЕМОТ СО ПРИРОДАТА / THE TROUBLE WITH NATURE (2020) на режисерот Илум Јакоби кој воедно и директно ќе биде дел од фестивалот преку онлајн интервју, во коешто ќе ги образложи мотивите, идеите и начинот на подготовка на неговото филмско остварување. Во ПРОБЛЕМОТ СО ПРИРОДАТА , Јакоби – самиот планинар и алпинист, ја пренесува својата љубов, почит и посветеност кон природата. Филмот ги прикажува амбициите и егото на филозофот кој се наоѓа исправен пред предизвикот поврзан со естетичкиот концепт што тој самиот го создал – Возвишеното. Овој „роуд“ филм сместен во XVIII век изобилува со елегантен и сатиричен хумор и импресивни и раскошни пејзажи, директно вперувајќи го нашиот (човечки) поглед кон не-догледот на природата којашто истовремено и застрашува и восхитува.
„Во 1769 година, во време кога неговата естетичка расправа „Филозофско истражување за потеклото на нашите идеи за возвишеното и убавото“ треба да се реиздаде, Берк ги напушта Лондон, лихварите и средовечната криза и тргнува на патување по француските Алпи за да го „види возвишеното со свои очи“. Тој е решен да го надополни својот естетички светоглед со ново непосредно искуство со што би ги ставил на тест своите тези од естетиката“
На последниот ден од седмицата, во летното кино „Мирно лето“, со почеток од 20.30 часот ќе се отвори и компетитивната Официјална селекција на краткометражни филмови, во чии рамки ќе бидат прикажани 10 филмски остварувања од целиот свет, со специјална бесплатна проекција за посетителите. Публиката ќе има можност да погледне неколку извонредни краткометражни филмови со натпреварувачки карактер: канадскиот ТУКА (Tu), киргистанскиот ЛУЛАШКАТА (Selkinchek) , мексиканскиот ГРЛОТО НА ЃАВОЛОТ (The Devil’s Throat), францускиот КВЕЧЕРИНА (Retour À La Nuit), шведскиот САЃИ ВРЗ СНЕГОТ (Thaw), данскиот IN MEDIAS RUSH, британските ТЕЛОТО И ИМЕТО (The Body and The Name) и НЕНАДЕЈНА СВЕТЛИНА (Sudden Light) , како и словенечкиот БИК (Bik).
Во оваа конкуренција, се натпреваруваат и три филма од Македонија, од кои ПРАШЛИВИ ЦВЕЌИЊА на младиот македонски автор Мирослав Илиќ ќе биде прикажан вечерва меѓу остварувањата со натпреварувачки карактер. Меѓу филмовите има и голем број на поетски филмски остварувања коишто ќе ве поведат на едно интимно патување со протагонистите, отворајќи ви едни други светови.
Инаку, вчера на ФФФ беа прикажани премиерните изданија на „ЅИД” и „АВИВА” од долгометражната селекција, а за прв пат на големото платно, македонската публика ги проследи и студентските филмови на Андреј Тарковски (меѓу кои и исклучителниот дипломски филм на авторот, ПАРНОТО ТРКАЛО И ВИОЛИНАТА) – во соработка со Амбасадата на Руската Федерација во Скопје, МСУ „Державин“ од Свети Николе (каде што во новото кино „Киноверзум“ во јуни за прв пат ќе бидат прикажани сите филмови на Тарковски) и Кинотеката. Филмот беше отворен со онлајн вовед во „Уметничката философија на Андреј Тарковски“ на проф. д-р Игор Евлампиев од Унивезитетот во Санкт Петербург, Русија..Репризната проекција на краткометражните, студентски филмови на Тарковски е во понеделник (31-ви), со почеток од 18 часот во Кинотеката.