Селектори и жирија на Фестивалот
СЕЛЕКТОРИ НА ФЕСТИВАЛОТ

КИРИЛ ТРАЈЧЕВ - долгометражни филмови

ДЕЈАН ЗДРАВКОВ - краткометражни филмови
-
КИРИЛ ТРАЈЧЕВ - долгометражни филмови
Кирил Трајчев е професор на Меѓународниот славјански универзитет „Г.Р. Державин“. Неколку години предавал и на Филмската академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Учесник е на повеќе алтернативни и непрофесионални филмски и театарски фестивали. Учествувал и во реализацијата на кратки филмови и театарски проекти. Има објавувано текстови во повеќе списанија и зборници. Земал учество и на повеќе научни собири и конференции. Реализирал повеќе работилници за филозофија и филм.. -
ДЕЈАН ЗДРАВКОВ - краткометражни филмови
Дејан Здравков, роден во Велес, дипломира и магистрира на Институтот за филозофија при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде што и докторира филозофски науки во 2015 год. одбранувајќи ја дисертацијата под наслов: „Егзистенција и интуиција ― Бергсоновото и Хајдегеровото поимање на човекот и времето“ под менторство на проф. д-р Ферид Мухиќ (во 2019 објавена како книга во издание на „Аз-Буки“). Се занимава со истражувања во областа на филозофската антропологија и естетиката. Во слободно време се занимава со сликарство.
ЖИРИ НА ДОЛГОМЕТРАЖНИ ФИЛМОВИ

ЏОН О’МЕЛАРКА

СНЕЖАНА МЛАДЕНОВСКА АНЃЕЛКОВ

СЛАЃАН ПЕНЕВ
-
ЏОН О’МЕЛАРКА
Џон О’Меларка (John O’Maoilearca), професор на Катедрата за критички и историски студии на Универзитетот Кингстон, Лондон. Претходно предавал филозофија на Универзитетот во Сандерленд, Англија и на Универзитетот во Данди, Шкотска. Има објавено единаесет книги, вклучувајќи ги: (како автор) Бергсон и филозофијата (2000), Пост-континенталната филозофија: Преглед (2006), Филозофијата и подвижните слика: Рефракции на реалноста (2010) и Сите мисли се еднакви: Ларел и не-човечката филозофија (2015). Негови потесни области на интерес се: континентална филозофија (Бергсон, Делез, Ларел, Бадју), метафизиката (особено на времето и на идентитетот), мета-филозофијата, филозофската експресија, вклучително и дијаграматско мислење, како и филм-филозофијата. Претходно има предавано филм-филозофија и теорија на споменатите Универзитети во Сандерленд и Данди. Професор Меларка е член на редакцискиот одбор на светски познато научно списание од оваа област Филм-Филозофија. -
СНЕЖАНА МЛАДЕНОВСКА АНЃЕЛКОВ
Снежана Младеновска Анѓелков родена во Скопје, дипломирала на ФДУ на отсекот за филмска и ТВ монтажа во 2000 год, а со звањето „Магистер по уметности - област филмска и ТВ монтажа“ се стекнува во 2012 год. Нејзиниот прв роман „Единаесет жени“ (2011, ИЛИ-ИЛИ) ја доби наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“. Во 2014 година ја издаде филмско-есеистичката книга „Слики со животна уверливост“ (ИЛИ-ИЛИ) посветена на документарните филмови на режисерот Владимир Блажевски. Како автор е застапена во антологиите „Revija malih književnosti“ (2013) на Udruga za promicanje kultura ’Kulturtreger’, „Best European Fiction 2017“ и „Contemporary Macedonian Fiction“ (2019) на Dalkey Archive Press. „Молчи со отворена уста“ (2019, ИЛИ-ИЛИ) е нејзин втор роман. Има обемно искуство во монтажа на документарни филмови и репортажи. -
СЛАЃАН ПЕНЕВ
Слаѓан Пенев е професор по филозофија, новинар и граѓански активист, со над 20-годишно искуство во покривање теми од областа на филмот, меѓу останатото и пишување филмски анализи, известувања од филмски фестивали и организација на односи со јавност во рамки на филмска продукција. Од 2018 година е селектор во Интернационалниот фестивал на филмска камера Браќа Манаки, Битола, задолжен за координација на активностите поврзани со програмите Европски филмски перспективи и Земја во фокус, вклучително и избор на филмови, водење на сесиите со прашања од публиката за филмските автори по проекциите на филмовите и водење на прес конференциите на фестивалот. Од 1999 до 2015 г. беше новинар, уредник и дописник од странство за неколку македонски медиумски куќи, а последниве години е активен во граѓанскиот сектор.
ЖИРИ НА КРАТКОМЕТРАЖНИ ФИЛМОВИ

ЗЛАТКО ЃЕЛЕСКИ

ГЛОРИЈА МОРАНО

ВЛАДИМИР ЃУРОВИЌ
-
ЗЛАТКО ЃЕЛЕСКИ
Златко Ѓелески, роден во Битола, е писател, филмски, музички и книжевен критичар. Дипломира на катедрата за општа и компаративна книжевност, при факултетот „Блаже Конески“ во Скопје и од 2008 година активно се занимава со филмска критика. Дигиталните филмски рецензии ги објавува на веб-страницата „Мувис.мк“, а печатените во: „Кошмар“ „Граѓански“, „Кинопис“, „Филм плус“, „Филмски печат“. Водител е на филмските радио емисии „Danse Macabre“ и „ТВ 103“ на радио „Канал 103“. Добитник е на наградата за најдобра филмска критика на филмскиот фестивал „Синедејс“ во 2013. Режисер е на кратките филмови „Од другата страна“ и „Мемоари“ и организатор на ревијата на хорор филмови „Мрак Фест“. Член бил на жири комисии на филмските фестивали: „Синедејс“, „Филмај“ и „Мобил фестивал“. Водител е на јутјуб емисиите: „Видеологија“ и „Ревизија“. Во 2021 ќе биде објавена неговата прва збирка на филмски есеи и рецензии „Видеологија (2019-2020)“. -
ГЛОРИЈА МОРАНО
Глорија Морано (Gloria Morano) родена во Италија, има работено неколку години на различни експериментални кино-проекти, како на пример, Re:Voir Vidéo, ДВД издавачка куќа и кооператива на режисери во Париз. Во исто време, таа се вклучува во организацијата на различни филмски фестивали во Франција и Италија (I Mille Occhi и NodoDocFest во Трст, Festival des Cinémas Différents et Expérimentaux de Paris). Во 2017 година, по учество на проект во Кинотеката во Луксембург, Глорија ја презема функцијата на главен програмер на програмата за млади публика на Luxembourg City Film Festival. Од 2018 година, таа е вклучена и во генералниот уметнички одбор на Фестивалот. Низ сите години, таа ја нема загубено страста за експерименталниот филм и е активно вклучена во процесот на селекција на фестивалот за експериментален филм во Париз. -
ВЛАДИМИР ЃУРОВИЌ
Владимир Ѓуровиќ, роден во Скопје, дипломира на Филозофскиот факултет во Скопје во 2008 год. на Институтот за филозофија. По завршувањето на студиите работи како демонстратор по предметите Филозофска антропологија и Етиката и родот на Институтот за родови студии во Скопје. Во истиот период работи и како професор по филозофија во средно училиште. Во 2012, како стипендист на Фондацијата AW Mellon, започнува постипломска истражувачка работа во Центарот за студии по реторика (Centre for Rhetoric Studies) на Универзитетот во Кејп Таун под менторство на професорот Филип-Жозеф Салазар. Со траен интерес за реторика и филозофија на јазикот својот професионален развој го продолжува како преведувач и уредник, и како медија планер во маркетинг агенции. Од 2017 работи како професор по филозофија во Јахја Кемал-Скопје. Како долгогодишен член на Филозофското друштво на Македонија, во 2019 е избран за Генерален секретар.