Ревијална програма: филм-философија

ТОЛПАТА / THE CROWD (1928)

ФФФ doc. : КЕИФ (Македонска чалгиска традиција) / KEIF (Macedonian Chalgija Tradition)(2019)

ЕВА / EVЕ (2011)

БЕТИ БЛУ / BETTY BLUE/37° 2 le matin (1986)

ХАОТИЧНАТА АНА / CAÓTICA ANA (2007)
-
ТОЛПАТА / THE CROWD (1928)
Свечено oтворање на 11. Филозофски филмски фестивал со музички перформанс Летно кино „Мирно лето“
27 мај (четврток), 21:00 ч.
реж. Кинг Видор / King Vidor (US), 98’
онлајн воведно излагање Sujet et masse dans ‘La Foule’ de King Vidor (1928)
проф. д-р Доминик Шато, Франција (15’)
„Толпата ќе се смее со вас секогаш... но ќе плаче со вас само еден кус ден.“ Ремек делото на Кинг Видор од 1928-та се вбојува меѓу најдобрите филмови од крајот на ерата на немиот филм, но и еден од општествено најрелевантните филмови коишто кога било се направени. Тажната, но полна надеж сага за Џон и Мери Симс ја прикажува суровата борба на еден млад пар од средната класа да успее во модерниот живот на големите градови. Џон Симс е идеалист кој се преселува во големиот град надевајќи се дека ќе си го исполни младешките соништа и ќе оствари нешто вредно, големо и значајно од својот живот. Но, наместо тоа, безличната егзистенција во големата метропола и суровата реалност на секојдневниот живот се закануваат на секој чекор да го проголтаат, да го претворат во само бројка меѓу толпата...
Премиерно прикажан во 1928 година, ТОЛПАТА на Првите доделувања на Американската филмска академија во 1929 год. е номиниран за Оскар за најдобар филм, а Кинг Видор за најдобар режисер, освојувајќи ги толпите со неговата топла и хуманистичка приказна која нуди прецизна слика на суровите, безлични аспекти на урбаната егзистенција. Со извонредната фотогафија на Хенри Шарп (Henry Sharp) и саундтракот на Карл Дејвис (Carl Davis) од реставираната верзија во 1981 година, ТОЛПАТА е неодминлив филмски класик за секој еден од нас, и филм за сите нас. -
ФФФ doc. : КЕИФ (Македонска чалгиска традиција) / KEIF (Macedonian Chalgija Tradition)(2019)
Летно кино „Мирно лето“
28 мај (петок), 21:00 ч.
реж. Блаже Дулев (MK), 94’
Излагање Македонска музичка епистема
проф. д-р Ристо Солунчев, (сценарист на документарниот филм „Кеиф“)
Македонската чалгија е вкоренета во музичкиот код на многу генерации. Оваа музика претставува основа и структура за многу современи музички форми и, исто така, претставува карактеристичен феномен што го спојува фолклорот со наследството на музичката традиција на Истанбул, т.е. со византиската црковна музика и со класичната отоманска воеднo, кореспондирајќи со осмогласието и макамскиот систем.
Филмот ги следи историјата и почетоците на чалгијата од Цариград (Истанбул) до Македонија во текот на еден век. Ја следи историјата на старите македонски музички групи (тајфи), но, исто така, и турската класична музика, преку академски професори од Турција. Во филмот се користат стари архивски снимки од изведбите на бардовите на овој вид музика, и се следи развојот на чалгијата во Македонија, западните влијанија, резултатите од оваа синтеза и секако, нејзиното појавување во денешниот контекст, преку интервјуа со македонски музичари, но и светски познати уметници како Кудси Ерѓунер, Омар Фарук Текбилек, Ѓунај Челик, Симон Шахин итн. -
ЕВА / EVЕ (2011)
Летно кино „Мирно лето“
1 јуни (вторник), 21:00 ч.
реж. Кике Маило / Kike Maíllo (ЕS), 94’
Излагање Ева или што „гледаат“ роботите кога ќе ги затворат очите
проф. д-р Владимир Давчев, Македонија
Алекс Гарел, познат инженер кибернетичар, започнува значајна мисија на Факултетот за роботика во Санта Ирена – креирање на дете-робот. По цели 10 години тој се враќа во неговото родно место и се запознава со Ева – посебно и шармантно мало девојче кое пополека станува дел од животот на Алекс. Тој и Ева ќе започнат неверојатно патување...
ЕВА е дебитантско филмско остварување на шпанскиот режисер Кике Маило коешто премиерно беше прикажано на Венецискиот филмски фестивал, го отвори легендарниот Сиџес во 2011 год., се закити со Гоја за Најдобар нов режисер (2012) и ја доби Наградата од публиката на Фестивалот на фантастичниот филм во Жерардмер (2012). Во екофутуристичен универзум населен од луѓе, функционални роботи и андроиди, тој комбинира ретро естетика и елегантни визуелни ефекти за на уникатен начин да ги постави прашањата за врската помеѓу човекот и технологијата. Алекс (Даниел Брул, Збогум, Ленин!) сака да создаде робот, толку софистициран, што ќе биде способен „да украде“ нечие срце. Дали ние, луѓето, би можеле да воспоставиме силни емоционални врски со машините – толку совршени и слични на нас – какви што имаме со другите лиѓе? И конечно ЕВА, ни го поставува прашањето: Дали можeме да го програмираме она што го чувствуваме? -
БЕТИ БЛУ / BETTY BLUE/37° 2 le matin (1986)
Летно кино „Мирно лето“
2 јуни (среда), 21:00 ч.
реж. Жан-Жак Бене / Jean-Jacques Beineix (FR), 115’ Онлајн воведно излагање BETTY BLUE/37° 2 le matin – The Materiality of Appearanceна
проф. д-р Џон О’Меларка, Велика Британија
Зорг одржува неколку бунгалови на една од плажите на францускиот медитеран и започнува страсна љубовна врска со убавата и дива 19-годишна Бети (волшебната Беатрис Дал). По една страсна кавга, Бети го открива неговиот прв, сè уште необјавен роман, и очајно бара начин да го издаде. Тие заминуваат да живеат на периферијата на Париз каде што таа, убедена во генијалноста на Зорг, деноноќно се обидува да најде издавач, но од сите бидува одбиена. Добрите намери на Бети стануваат сè полуди и не е сигуно дали љубовта на Зорг ќе преовладее гледајќи ја својата љубена како излудува...
Филмот базиран на хит новелата 37°2 изутрина на Филип Џиан (Philippe Djian), номиниран за БАФТА и Оскар за Најдобар филм од странско говорно подрачјe во 1987-та година, претставува летна и топла, еротска драма со медитерантски вибрации, но и епска приказна за љубовната излуденост („l’amour fou”) во која лебди прашањето што сè се прави во името на страста и љубовта. -
ХАОТИЧНАТА АНА / CAÓTICA ANA (2007)
Доделување на награди и затворање на Фестивалот
Летно кино „Мирно лето“
3 јуни (четврток), 21.00
реж. Хулио Медем / Julio Medem (ЕS), 118’ Излагање За Ана и мистиката на жената низ визуелната реторика на Хулио Медеm
проф. д-р Маја Мухиќ, Македонија
Ана (Manuela Vellés) е млада и убава 18-годишна девојка којашто живее на Ибица. Со својот слободен дух таа ја преточува страста за животот во уметнички дела. Еден ден, Хустин (Charlotte Rampling) ја поканува Ана да се придружи на комуна од млади уметници во Мадрид, нејзини штитеници. Ова е само почетокот на патувањето, не само физичко, коешто ќе ја понесе Ана да открие континенти, минати животи и далечни митови...
По успешните Љубовниците од Арктичкиот круг (Lovers of the Arctic Circle, 1998) и Секс и Луција (Sex and Lucia, 2001), Хаотичната Ана на шпанскиот режисер Хулио Медем којшто беше за првпат прикажан на Филмскиот фестивал во Торонто е приказна-патување за време на четири години од животот на Ана, од 18 до 22 години. Одбројување, 10, 9, 8, 7... до 0, како во хипноза, преку коешто Ана докажува дека не живее сама и дека нејзиното постоење е продолжение на други животи на млади жени коишто живеат во длабочините на нејзиното несвесно. На позадината од извонредниот, „ворлд мјузик“ инспириран саундтрак на Џоселин Пук (Jocelyn Pook), ова е хаосот на Ана, а Ана е и принцезата и монструмот на оваа феминистичка приказна која се бори против патријахалната тиранија.