Официјална селекција на краткометражни филмови
ПРВА ВЕЧЕР (147′)

ТУКА (Tu, 2020)

ЛУЛАШКАТА (The Swing / Selkinchek, 2019)

ГРЛОТО НА ЃАВОЛОТ (The Devil's Throat, 2020)

КВЕЧЕРИНА (Nightfall / Retour À La Nuit, 2020)

САЃИ ВРЗ СНЕГОТ (Thaw, 2020)

ПРАШЛИВИ ЦВЕЌИЊА (Dust Flowers, 2021)

IN MEDIAS RUSH (In Medias Rush, 2020)

НЕНАДЕЈНА СВЕТЛИНА (Sudden Light, 2019)

ТЕЛОТО И ИМЕТО (The Body And The Name, 2020)

БИК (Bik, 2019)
-
ТУКА (Tu, 2020)
Летно кино „Мирно лето“
30.05 (недела), 21:00 ч.
Suzanne Friesen / Сузан Фризен (CA), 10’
Филм за потрагата по своето „тука“ која следува по подолга дистанца од најблиските, сеќавањето на семејните меѓугенерациски трауми и потребата да се сочува кохеретноста на сопствениот идентитет којашто понекогаш создава тегобност и конфузија. Низ суптилна филмска нарација неколку гласови кулминираат и создаваат немир, но истовремено останува една непоколеблива и темелна вистина која медитативно смирува: „Јас сум тука“. -
ЛУЛАШКАТА (The Swing / Selkinchek, 2019)
Летно кино „Мирно лето“
30.05 (недела), 21:00 ч.
Самара Сагинбаева / Samara Sagynbaeva (KG), 20’
Топла семејна приказна од суровите зимски предели на Казахстан. Домарот на селското училиште се обидува да ги загрее училниците и покрај скудното снабдување со огрев.
Но, и во домот е студено. Малата камена куќа не може да се затопли, а внуката на домарот е болна. Добродушниот старец е исправен пред дилема: може ли да го сочува своето достоинство, а притоа да не дозволи семејството да страда? -
ГРЛОТО НА ЃАВОЛОТ (The Devil's Throat, 2020)
Летно кино „Мирно лето“
31.05 (понеделник), 21:00 ч.
Габриела Гарсија Ривас / Gabriela García Rivas (MX), 13'
Мелендез е вертикална пештера во државата Гереро во Мексико. Локалното население верува дека пукнатината досегнува до портите на пеколот. Тоа е начинот на кој ѓаволот, под закрила на темнината доаѓа на Земјата за да го шири злото. Еден ден, на училиште, Даниел е предизвикан од неговите соученици да ја посети пештерата. Вооружен со света вода, на самрак, тој пристигнува на средба со ѓаволот.
Социјална драма која ги отсликува последиците од „војната на картелите“, насилството и организираниот криминал во Мексико погледнато со очите на едно дете. -
КВЕЧЕРИНА (Nightfall / Retour À La Nuit, 2020)
Летно кино „Мирно лето“
30.05 (недела), 21:00 ч.
Анаи Лебер, Филиберт Гау / Philibert Gau, Anaïs Le Berre (FR), 13'
Ноќта полека се спушта над полињата, а на Естер и Леонард не им е лесно да разберат што (не) можат повеќе да поднесат: нивната љубов или нивната разделба. -
САЃИ ВРЗ СНЕГОТ (Thaw, 2020)
Летно кино „Мирно лето“
30.05 (недела), 21:00 ч.
Сиге Видмарк / Sigge Widmark (SE), 19'
Дејвид, полициски шериф во мало, провинциско гратче, ја сретнува Софи – млада и бунтовна тинејџерка којашто оди сама покрај патот. Она што на прв поглед му изгледа како едноставен случај на тинејџерски пркос, по „мала истрага“ се разоткрива како нешто длабоко вознемирувачко. Дали Дејвид ќе успее да ја придобие нејзината доверба пред притисокот на срамот, вината и семејната лојалност? -
ПРАШЛИВИ ЦВЕЌИЊА (Dust Flowers, 2021)
Летно кино „Мирно лето“
30.05 (недела), 21:00 ч.
Мирослав Илиќ / Miroslav Ilikj (MK), 17'
Леа е сентиментална жена што е приморана да ја откаже антидепресивната терапија за да може да забремени. Иако таа очајно посакува да стане мајка, нејзиниот сопруг, Јосиф, не успева да се види себеси во улогата на родител. Отсуството на искрено разбирање создава тивка конфронтација со сопствените идеални проекции којашто полека ги истоштува.
Дебитантскиот краткометражен филм на младиот македонски режисер Мирослав Илиќ, суптилно ги портретира психолошките мотиви на главните ликови коишто ги дистанцираат нивните светови и предизвикуваат неспокојство и агонија. -
IN MEDIAS RUSH (In Medias Rush, 2020)
Летно кино „Мирно лето“
30.05 (недела), 21:00 ч.
Есбен Персон / Esben Persson (DK), 15'
Во надреален, ретро-футуристичен амбиент, еден млад човек го прославува својот роденден заедно со својата девојка. Динамиката на настаните прогресира во халуциногено патување во длабочините на манијакалниот ум, отсликувајќи ги двосмислените чувства и постојаниот конфликт помеѓу физичката и психолошката реалност на главниот лик.
Експериментален филмско-поетски есеј чија фокусна точка се табуизираните проблеми со менталното здравје, анксиозноста, психотичните нарушувања и биполарното растројство кај младите. -
НЕНАДЕЈНА СВЕТЛИНА (Sudden Light, 2019)
Летно кино „Мирно лето“
30.05 (недела), 21:00 ч.
Софија Литман / Sophie Littman (UK), 15''
Едно тмурно, облачно попладне, Миа (16) ја носи својата помала сестра Сквиз (12) на прошетка со кучето низ полињата во близина на нивниот дом. Нивниот татко е тешко болен и лежи во болница. Додека двете сестри шетаат познатиот пејзаж почнува да се изобличува, а на работ од шумата се појавува чуден човек чија појава навестува нешто морничаво.
Ненадејна светлина на режисерката Софи Литман е моќна и сугестивна социјално-психолошка семејна драма за внатрешната борба на две сестри среде застрашувачката извесност на тагата што надоаѓа. Филмот премиерно беше прикажан на Канскиот филмски фестивал во 2020 како дел од Официјалната селекција. -
ТЕЛОТО И ИМЕТО (The Body And The Name, 2020)
Летно кино „Мирно лето“
30.05 (недела), 21:00 ч.
Кристина Рулоф / Christina Ruloff (UK), 13'
Мери лежи во мртовечница. Иако е мртва, таа сè уште е свесна и живописно го евоцира своето минато, односот со нејзиниот љубовник и нејзиното тело. Додeка управникот Дојл го набљудува нејзиното тело и ја истражува врската помеѓу телото, душата и името, Кристина ѝ дозволува на Мери за последен пат да ја афирмира својата субјективност.
Кристина Рулоф го реализира „Телото и името“ во соработка со британскиот драмски писател и сценарист Хауард Баркер (Howard Barker) како визуелна артикулација на есенцијалните теми на неговиот „Театар на катастрофата“: животот и смртта, насилството, сексуалноста, како и телото и неговото значење. -
БИК (Bik, 2019)
Летно кино „Мирно лето“
30.05 (недела), 21:00 ч.
Бојан Лабовиќ / Bojan Labovic (SI), 12'
Милан Вебер е 40-годишен невработен ликовен педагог кој веќе некое време се соочува со хронична беспарица. Живее во мал, ефтино изнајмен стан и се чувствува премногу млад за да остаре, а премногу стар за одново да почне. Едно мамурно утро, додека се обидува да отвори една конзерва говедска чорба, низ прозорецот ќе здогледа бик кој избегал од кланицата. Бик, на Бојан Лабовиќ на симпатичен начин ја испирира емпатичната совест на редефинирање на нашиот однос кон животните во едно индустријализирано и сѐ повеќе дехуманизирано општество.
ВТОРА ВЕЧЕР (137′)

ТИШИНАТА НА РЕКАТА (The Silence Of The River / El Silencio del Río, 2020)

ПОЛА (Pola, 2020)

УРСУЛА (Ursula, 2020)

РИБА (Fish / Fisk, 2020)

ПИПО И СЛЕПАТА ЉУБОВ (Pipo And Blind Love, 2020)

СТАПИЦАТА (The Traps / Fakh, 2019)

ПЕТ-СЕДУМ-ПЕТ (Five-Seven-Five / 5-7-5, 2020)

ПОСЛЕДНАТА СВЕТЛИНА (Last Light, 2021)

СОНА (Sona , 2020)

ЗАСЕГНАТИ (The Affected / De Berørte, 2020)

КАВАЛ (Kaval, 2020)
-
ТИШИНАТА НА РЕКАТА (The Silence Of The River / El Silencio del Río, 2020)
Летно кино „Мирно лето“
31.05 (понеделник), 21:00 ч.
Франческа Канепа / Francesca Canepa (PE), 14'
Хуан, 9-годишно дете од Перу, живее со својот молчелив татко во нивната „пловечка куќа“ на реката Амазон. Додека таткото дење спие а ноќе „живее“, деновите за малиот Хуан се долги, тивки и еднолични, а ноќите пак осамени. Една ноќ, Хуан ќе се осмели да заплови во темнината на амазонската прашума на алегориско иницијациско патување во потрага по вистината за својот татко. Ониричка приказна проткаена со елементи на магичен реализам која во митолошките слоеви на древната амазонска космовизија ги истражува патеките што водат до зрелоста.
Филмот премиерно беше прикажан на Берлинскиот филмски фестивал во 2020 год, по што следува богат фестивалски живот и номинација за Оскар во 2021 година. -
ПОЛА (Pola, 2020)
Летно кино „Мирно лето“
30.05 (недела), 21:00 ч.
Наталија Лампропулу / Natalia Lampropoulou (GR), 10’
Очајна фигура се движи по темната патека на својот живот, а во моментот кога среќава џепчија кој краде од бремена жена, ќе биде повикан да си ја преиспита совеста. Приказна за едно трагично откупување раскажана преку чиста визуелна нарација и суптилна, натуралистичка актерска игра. -
УРСУЛА (Ursula, 2020)
Летно кино „Мирно лето“
31.05 (понеделник), 21:00 ч.
Едуардо Брито / Eduardo Brito (PT), 6'
На 89-годишна возраст господинот Едвин Ф. за прв пат во животот сонува дека е жена, онирично доживување коешто му овозможува да биде на две спротивни места од планетата Земја истовремено. Помеѓу најсеверниот град во светот, во долгата поларна ноќ и маглoвитото летно утро на југот, се случува сон, неодгатлива метафорична игра на сликата и зборот, која со рафинирана визуелна поетика продира низ пределите на душевната топографија и побудува сомнежи. -
РИБА (Fish / Fisk, 2020)
Летно кино „Мирно лето“
31.05 (понеделник), 21:00 ч.
Ингрид Лиаваг/ Ingrid Liavaag (NO), 14’
Сара е млада девојка која страда од тежок облик на егзема. Кожата на нејзината рака сѐ повеќе почнува да наликува на крлушки од риба. Повторната средба со нејзиниот татко, кого едвај го познава, минува студено, а површната комуникација покажува една трајно загубена блискост. Очајна и осамена, за време на кратката заедничка пловидба, Сара се внурнува во морето. Можеби таму ќе може да се почувствува повеќе „дома“. -
ПИПО И СЛЕПАТА ЉУБОВ (Pipo And Blind Love, 2020)
Летно кино „Мирно лето“
31.05 (понеделник), 21:00 ч.
Хуго Леггуриерек / Hugo Le Gourrierec (FR), 12'
Во дехуманизиран свет каде што емоциите се строго контролирани а говорот обесхрабрен, Пипо, млад работник во фабрика се заљубува во жена којашто седи на клупата. Тој ќе стори сѐ за да го привлече нејзиното внимание и да ја заведе на свој „јазик“. Од куклена претстава, до сликарство и музика, неговата игра и фантазија нежно го симнуваат студениот превез на меланхоличната егзистенција и ја пробудуваат заспаната имагинација. Дистописка приказна за моќта на верувањето, создавањето, споделувањето, за љубовта и убавината. -
СТАПИЦАТА (The Traps / Fakh, 2019)
Летно кино „Мирно лето“
31.05 (понеделник), 21:00 ч.
Нада Ријад / Nada Riyadh (EG/DE), 20'
Изолирано и руинирано, некогашното ексклузивно приморско одморалиште станува интимно романтично прибежиште за младата Аја и нејзиното момче Ислам. Динамиката на моќ и контрола во нивните односи ги проникнува мислите, емоциите и телата зголемувајќи ја напнатоста. Тегобните прегратки повеќе не можат да понудат разумни решенија и Аја ќе се обиде да пронајде излез.
Приказна за болката и очајот низ која младата египетска режисерка Нада Ријад ги истражува длабочината и комплексноста на човечката психа низ социјално и родово табуизираните теми на современото египетско општество. Филмот премиерно беше прикажан на Канскиот филмски фестивал во 2019 година. -
ПЕТ-СЕДУМ-ПЕТ (Five-Seven-Five / 5-7-5, 2020)
Летно кино „Мирно лето“
31.05 (понеделник), 21:00 ч.
Амитај Хајун / Amitai Hayun (IL), 14'
Длабоко во ноќта, на непозната територија, двајца млади израелски војници се обидуваат да стигнат на договорената локација. Но, пустиот и едноличен пејсаж ги затвора во круг и тие конечно сфаќаат дека се загубени. Принудени да ја минат ноќта заедно, помеѓу неизвеснота и стравот за себе, и звуците на „животната радост“ кои допираат од арапското село во близина, тие влегуваат во поетско-филозофски дуел кој разведрува; метафорична етида која загатнува важни егзистенцијалистички прашања. -
ПОСЛЕДНАТА СВЕТЛИНА (Last Light, 2021)
Летно кино „Мирно лето“
31.05 (понеделник), 21:00 ч.
Јован Саркањац / Jovan Sarkanjac (MK), 5'
Павел мора да го напише своето проштално писмо пред да се изгасне свеќата. Темниот, апстрактен и надреален простор ја отсликува душевната атмосфера на затвореникот во Пандорината кутија исполнета со гласовите на злото. Но, сѐ додека светлината трае, можеби надежта постои дека Павел ќе успее во неговиот обид да побегне. -
СОНА (Sona , 2020)
Летно кино „Мирно лето“
31.05 (понеделник), 21:00 ч.
Марјам Махдије / Maryam Mahdiyeh (IR), 15'
Ширин подолго време нема слушнато ништо за својот сопруг, Масуд, татко на нејзините две деца. Заедно со нив таа доаѓа во посета на коњичкиот клуб каде што тој порано работел, но, се чини дека тој веќе подолго време воопшто не се појавил тука. Додека го бараат низ шталите и терените за јавање, стравот од неповолен исход го открива конфликтот помеѓу младата жена и мајка. Ненадејната средба со убавата, питома сила на Сона ќе ја потсети на нешто големо и значајно. -
ЗАСЕГНАТИ (The Affected / De Berørte, 2020)
Летно кино „Мирно лето“
31.05 (понеделник), 21:00 ч.
Рике Грегерсен / Rikke Gregersen (NO), 13'
Неколку минути пред полетувањето на авионот, една патничка одбива да седне во своето седиште во обид да спречи депортација на човек во Авганистан. Патниците и екипажот се изненадени, збунети и конфузни пред неочекуваната морална дилема. Пилотот ќе се обиде да ја разреши ситуацијата без да заземе политички став, но неговата интервенција не оди според планираното. Социјално ангажирана скандинавска комедија која внимателно балансира со комичното и драмското и суптилно ги нијансира прашањата за човековите права, социјалната правда и индивидуалната одговорност. -
КАВАЛ (Kaval, 2020)
Летно кино „Мирно лето“
31.05 (понеделник), 21:00 ч.
Саша Станишиќ / Sasha Stanishik (MK), 10'
Во едно мало планинско селце, секое лето внучето доаѓа кај баба и дедо, каде што безгрижно ги минуваат деновите исполнети со радосна игра по широките цветни ливади. Во дворот на едно столче седи неговиот дедо и свири на кавал, а магијата на неговиот звук ја предизвикува детската љубопитност. Што ли крие тој волшебен отвор на долгата цевка? Можеби музиката? Една ноќ, по многу години, изморен од секојдневната рутина, отуѓен и притиснат од сивилото на подивениот градски урбанизам, тој ќе се потсети на заборавениот мирис на летото и на таинствениот извор на музиката.