Главна програма

07-09.04.2016

Кинотека на Македонија

_________________________________________________________________________________________

_________________________________________________________________________________________

ЕДЕН МАЖ И ЕДНА ЖЕНА (Un homme et une femme)

Свечено отворање на Фестивалот

7 април (четврток) 19:00 ч. – Кинотека на Македонија

 

Игран филм, Франција

1966 г., 102 мин., колор, Blu-Ray

Режија: Клод Лелуш (Claude Lelouch)

Сценарио: Клод Лелуш, Пјер Утерховен (Claude Lelouch, Pierre Uytterhoeven)

Улоги: Анук Еме, Жан-Луј Трентињан, Пјер Бару (Anouk Aimée, Jean-Louis Trintignant, Pierre Barouh)

      „Еден маж и една жена“ е француски романтичен филм од 1966 година во режија на Клод Лелуш. Главните улоги ги играат Анук Еме и Жан-Луј Трентињан, како самохрана мајка и самохран татко кои ќе се запознаат и ќе се вљубат. Ен Готје е млада вдовица која по смртта на својот сопруг, каскадер, сама ја одгледува својата ќерка Франсоаз. Младиот вдовец, Жан-Луј, сам го воспитува синот откако неговата жена Валери извршила самоубиство. Еден ден, Ен и Жан-Луј се запознаваат откако Ен ќе го пропушти возот за Париз. Тој ќе ѝ понуди превоз и за време на патувањето и разговорот во автомобилот, двајцата сфаќаат дека уживаат во меѓусебното дружење. Договараат да се видат преку викендот со децата, а потоа заедно одат на пловидба. Меѓу нив полека се раѓа љубов.

      Филмот е добитник на наградите „Златна палма“ на Канскиот филмски фестивал и на наградата „Оскар“ за најдобар странски филм и најдобро сценарио.

     По проекцијата следува излагање на тема „Едноставно: еден маж и една жена“ на проф. д-р Денко Скаловски и отворена дискусија со публиката.

_________________________________________________________________________________________

КАСАБА (Kasaba)

8 април (петок) 19:00 ч. – Кинотека на Македонија

 

Игран филм, Турција

1997 г., 85 мин., црно-бел, DCP

Режија: Нури Билге Џејлан (Nuri Bilge Ceylan)

Сценарио: Емин Џејлан, Нури Билге Џејлан (Emin Ceylan, Nuri Bilge Ceylan)

Улоги: Емин Топрак, Хава Саглам, Џихат Бутун (Emin Toprak, Havva Saglam, Cihat Bütün)

      Приказна за семејство кое живее во мало гратче видена низ очите на децата која, покрај другите теми, се занимава и со комплексноста на растењето и созревањето. Филмот е раскажан од перспективата на две деца и е поделен во четири делови кои се паралелни со годишните времиња. Првиот дел се случува во основното училиште, каде 11-годишната ќерка е ученичка. Таа се соочува со срамот и со суровоста на животот. Вториот дел се случува напролет. Девојчето и братот патуваат до полето каде што ги чека семејството. Во полето тие се сретнуваат со мистериите на природата и дивиот живот. Во третиот дел сестрата и братот сведочат за комплексноста и мрачноста на светот на возрасните. Четвртиот дел се случува во домот. Оваа мирна секвенца се движи помеѓу реалноста и сонот.

      Филмот е прв игран филм на Нури Билге Џејлан, еден од најголемите европски режисери во моментов.

      По проекцијата следува излагање на тема: „Чехов во Анадолија – изградба на една поетска фабула“ – д-р Дејан Здравков и отворена дискусија со публиката.

_________________________________________________________________________________________

12 ГНЕВНИ ЛУЃЕ (12 Angry Man)

9 април (сабота) 19:00 ч. – Кинотека на Македонија

 

Игран филм, САД

1957, црно-бел, 96 мин., Blu-ray

Режија: Сидни Ламет (Sidney Lumet)

Сценарио: Реџиналд Роуз (Reginald Rose)

Улоги: Хенри Фонда, Ли Џеј Коб, Мартин Балсам (Henry Fonda, Lee J. Cobb, Martin Balsam)

 

      Одбраната и обвинителството си ја завршуваат својата работа, а на сцена стапува поротата која треба да реши дали младиот човек е виновен или не за убиството на сопствениот татко. Проблемот изгледа едноставен, но сепак поротникот бр. 8 ќе побара заеднички да ги разгледаат фактите и сведочењата. Понатамошната дискусија ќе ги изнесе на виделина предрасудите, очекувањата и личните драми на секој од поротниците, како и нивното субјективно гледиште на убиството. Нивната одлука ќе значи живот или смрт за обвинетиот.

      Филмот е добитник на наградата „Златна мечка“ на Берлинскиот филмски фестивал во 1957 година. 12 ГНЕВНИ ЛУЃЕе филмска класика која сѐ уште воодушевува со својата свежина и е предмет на постојани освежувања во вид на „римејк“ верзии.

   По проекцијата следува излагање на тема: „Правдата, казната и гневот: како се одлучува за животот и смртта?“ – проф. д-р Ана Димишковска и отворена дискусија со публиката.