Ревијална програма: филм-философија
Небото над Берлин (Wings of Desire, 1987)

За телото и душата (On Body and Soul, 2017)

Ида (Ida, 2013)

10 минути постар (10 Minutes older, 1978)

Мостови на времето (Bridges of Time, 2018

Деца на човештвото (Children of Men, 2006)

Заливот Слек (Slack Bay, 2016)
-
Небото над Берлин (Wings of Desire, 1987)
09/05 (четврток), 19:00 ч.
Игран филм, Германија / Франција, 128 мин., колор и црно-бел
Режија: Вим Вендерс, Петер Хандке, Рихард Рајтингер (Wim Wenders, Peter Handke, Richard Reitinger)
Свечено отворање на 9. Филозофски Филмски Фестивал
Излагање на тема: „Wim Wenders: putovanje kao potraga za našim identitetom“ - Марјан Вујовиќ (Раководител на Музејот на Југословенска кинотека)
Што е тоа што луѓето го знаат, а не го знаат ангелите? Вендерсовиот безвремен филм за гледањето е филм во кој протагонисти не се луѓето, туку ангелите чиј мирољубив поглед заедно со тој на камерата даваат една поинаква перспектива (или можност) за гледање на светот. Ангелите во „Небото над Берлин“ на Вендерс се добри, невидливи суштества кои го набљудуваат светот и ги слушаат мислите на смртниците обидувајќи се да ги утешат. Еден од нив, Демиел (Бруно Ганц), посакува да стане човек и „да влезе во историјата на светот“ откако се вљубува во убавата трапезистка Марион (Солве Домартен). Питер Фалк, кој се игра себеси, му помага за време на неговата трансформација, воведувајќи го во малите задоволства на животот и на тоа „што значи да се биде човек“.
„Небото над Берлин“ го обележа враќањето на Вендерс во нeговата родна Германија и е неговиот прв германски филм по осум години во САД. Снимен две години пред паѓањето на Берлинскиот ѕид, филмот е омаж на „поделениот“ град од една уште понеобична перспектива, онаа на ангелите. Филмот чиј косценарист е писателот Петер Хандке (Als das Kind Kind war...) ги доби наградите за Најдобар режисер на Канскиот филмски фестивал (1987) и на Европските филмски награди (1988) и оттогаш се стекна со култен статус. -
За телото и душата (On Body and Soul, 2017)
10/05 (петок), 18:30 ч.
Игран филм, Унгарија, 116 мин., колор
Режија и сценарио: Илдико Ењеди (Ildikó Enyedi)
Излагање на тема: Интимната комуникација меѓу телото и душата – акад. Катица Ќулавкова (МАНУ)
Во оваа неконвенционална љубовна приказна двајца интроверти, и двајцата вработени во фабрика за преработка на месо и месни производи, случајно откриваат дека го споделуваат истиот сон секоја вечер. На почетокот и двајцата се збунети, тешко им паѓа да поверуваат дека ова е возможно. Како е можно да го споделуваш истиот сон со некој друг? И, ако е можно, што доколку го сретнеш тој човек – ќе се исплашиш ли, или пак, ќе бидеш среќен? По некое време, како што започнуваат да ја прифаќаат оваа чудна коинциденција, Марија и Андре ќе се обидат и преку ден да го пресоздадат она што се случува во нивната заедничка потсвест.
„За телото и душата“ претставува славен „камбек“ на унгарската режисерка и сценарист Илдико Ењеди која на Канскиот филмски фестивал во 1989 год. ја добива Златната камера за нејзиниот прв игран филм „Мојот дваесетти век“ (My 20th Century / Az én XX. Századom). „За телото и душата“ е филм во кој „сонот е место на метафизичката средба меѓу Марија и Андре и (...) претставува облик на една метафизичка егзистенција без којашто стварноста би била премногу профана“ – вели акад. Катица Ќулавкова. Оној вечен проблем на телото и душата во филозофијата, кај Ењеди добива една поетска и онирична уметничка форма. Филмот на Ењеди е добитник на Златната мечка на Берлинскиот филмски фестивал во 2017 год. и беше унгарскиот кандидат за Оскар за филм од неанглиско говорно подрачје во 2018 година. -
Ида (Ida, 2013)
11/05 (сабота), 18:30 ч.
Игран филм, Полска / Данска, 82 мин., црно-бел
Режија: Павел Павликовски
Излагање на тема: Ида: Обид за едно крос-културно читање – Наум Трајановски, докторанд (Полска академија на науките, Варшава)
Полска, 1962 година. Ана е убава 18-годишна жена која се подготвува да стане калуѓерка во манастирот каде што има живеено уште од дете како сирак. Кога ќе дознае дека има роднина која сè уште е жива, сестрата на мајка ѝ – Ванда, се решава да ја посети пред да ја даде заклетвата и да се обиде да дознае нешто повеќе за корените на нејзиното одамна загубено семејство. Двете жени тргнуваат на заедничко патување кое ќе им помогне да се запознаат една со друга, но и да го откријат таинственото минато на нивното семејство. Таа дознава дека нејзината тетка, не само што е поранешна комунистичка државна обинителка (озлогласена за осудување на смрт на свештеници и други луѓе), туку, исто така, е и еврејка.
Која е Ана/Ида сега и каде ќе ја одведе нејзиниот пат? Поделена меѓу нејзиниот религиозен живот и иднината во манастирот, од една страна, и можноста за живот надвор од манастирот за кој не верувала дека е можен досега, таа ќе мора да ја стави на тест својата одлука. Оваа потресна и интимна драма на Павликовски која обработува прашања за идентитетот, семејството, вербата, чувството на припадност и историјата ги освои наградите за најдобар филм на Европската филмска академија и најдобар филм од неанглиско говорно подрачје на БАФТА наградите во 2014 год., а во 2015 година е добитник и на Оскарот за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје. -
10 минути постар (10 Minutes older, 1978)
12/05 (недела), 18:30 ч.
Документарен филм, краткометражен, Латвија, 10 мин., црно-бел
Режија и сценарио: Херц Франк (Herz Frank)
„10 минути постар“ е еден од највлијателните кратки филмови во филмската историја. Претставник на Балтичкиот нов бран, филмот не содржи зборови, туку само тивко ги набљудува лицата на деца загледани во една куклена претстава. Во 10 интензивни минути повеќето од човечките емоции оживуваат на отворените лица на децата – радост, страв, сочуство, ужас и среќа. Во само еден кадар – цели 10 минути – лицето на детето ја отсликува вечната борба меѓу доброто и злото, станува „огледало“ на невидливата човекова душа.
Херц Франк, еден од најпознатите документаристи од Латвија кој во 60-тите ја воспостави поетската документарна школа во Рига, ќе рече: „Немам снимено ништо невообичаено. Сите мои филмови се за живототот, љубовта и смртта“, а за неговото правење филмови тој вели дека е „едноставно“, и дека нивното влијание не се состои во сензационалистички заплети, туку во поставувањето етички прашања од егзистенцијална природа. Инспирирани од оваа едноставна, но исклучително значајна идеја, 15 светски режисери, автори од Европа и САД, меѓу кои и Вим Вендерс, Вернер Херцог, Џим Џармуш, Жан-Лук Годар, Бернардо Бертолучи, Клер Дени и Аки Каурисмаки – направија свои верзии на филмот – 10 минути постар: Труба и 10 Минути постар: Чело (2002) чија премиера беше на Канскиот филмски фестивал. -
Мостови на времето (Bridges of Time, 2018
12/05 (недела), 18:30 ч.
Документарен филм, Латвија / Литванија / Естонија, 78 мин., колор, црно бел
Режија и сценарио: Одрис Стонис, Кристине Бриеде (Audrys Stonys, Kristīne Briede)
Q&A со режисерката Кристине Бриеде / Kristīne Briede
„Која е смислата на создавањето филмови?“ Или што е она што го правиме во документаристиката? Овој нов документарен филм на Одрис Стонис и Кристине Бриеде е медитативно патување кое нè води да ги (пре)откриеме Големите мајстори на Балтичкиот поетски документарен филм - Херц Франк (Herz Frank), Улдис Браунс (Uldis Brauns), Иварс Селецкис (Ivars Seleckis), Марк Соосаар (Mark Soosaar), Андрес Соот (Andress Sööt), Робертас Вербас (Robertas Verbas), Хенрикас Шаблевичиус (Henrikas Šablevičius) и Аиварс Фреиманис (Aivars Freimanis) и нивниот поетски третман на онтологијата на документарното филмско творештво кое го дава уникатниот феномен во историјата на филмот - Балтичката школа на поетскиот документарен филм.
Со нивните обземачки црно-бели слики на човекот и природата, тие ја „снимаат Земјата, но помнат дека Небото е над нас“ (Франк), дофаќајќи ја супстанцијата, стварноста, но, исто така, покажувајќи ни ги идеалното и духовното содржани во материјалното. Станува збор за филмови кои се хумани, значајни и поетски, кои ни посочуваат нов начин на гледање на светот и преиспитување на самата природа на документарниот филм како уметничка форма. Филмот на Одрис Стонис и Кристине Бриеде, преку креативно градење на мостови на времето со оваа уникатна збирка на архиви, ветува откривање на еден нов бран во историјата на филмот – Балтичкиот нов бран на поетскиот документарен филм и цела една генерација на подзаборавени филмски поети од Латвија, Литванија и Естонија. -
Деца на човештвото (Children of Men, 2006)
15/05 (среда), 18:30 ч.
Игран филм, Велика Британија / САД, 110 мин., колор
Режија: Алфонсо Куарон (Alfonso Cuarón)
Излагање на тема: „Children of Men: Anthropocene’s ‘Père-version’; Patriarchy’s Demise“ – д-р Габриела Калчи Новати (C.G. Jung Institute, Zürich)
Лондон, 2027 година. Најмладиот човек во светот умира на возраст од 18 години и човештвото се соочува со опасноста од сопственото исчезнување. Во оваа дистопија во којa луѓето повеќе од две децении не можат да имаат деца, светот е на работ на колапс, а човечноста и моралноста еродираат. Велика Британија е единствената земја во која повеќето имигранти се обидуваат да пронајдат засолниште, но набрзо се претвора вo полициска земја блиску до Орвеловата визија на 1984-тата. Кога меѓу бегалците ќе се појави млада жена која на чудесен начин останува бремена, поранешен активист ќе се обиде да ја обнови последната надеж за опстанокот и иднината на човештвото на Земјата.
„Деца на човештвото“ е Британско-американски дистописки трилер во режија и косценарио на мексиканскиот режисер Алфонсо Куарон. Еден од најистакнатите филмови денес, на него може да се гледа и како на уметнички приказ на т.н. Антропоцен (периодот во времето во кој човечките активности имаат такво влијание на Земјата што може да се опишат како посебна геолошка ера). Сценариото на филмот е базирано на книгата „Деца на човештвото“ на Филис Дороти Џејмс (Phyllis Dorothy James) од 1992 година, а во 2016 год. на анкетата на BBC Culture беше изгласан како 13-ти помеѓу 100 филмови прогласени за најдобри филмови на XXI век од 177 светски филмски критичари. Што би се случило во една иднина во која човекот повеќе не е „центарот“ и „мерата“ на светот? Свет во кој некоја или некаква иднина е можна и без него? -
Заливот Слек (Slack Bay, 2016)
16/05 (четврток), 18:30 ч.
Игран филм, Франција / Германија, 122 мин., колор
Режија и сценарио: Бруно Димон (Bruno Dumont)
Свечено затворање на Фестивалот и доделување на наградите
Излагање на тема: What Are We Laughing At? Skepticism as a Joke in Film-Philosophy – д-р Дејвид Сорфа / Dr. David Sorfa (University of Edinburgh, UK)
Во текот на летото 1910 год., неколку туристи исчезнуваат додека се релаксираат на убавите плажи од брегот на заливот. Двајцата инспектори, Машан и Малфој, откриваат дека епицентар на овие мистериозни исчезнувања е заливот Слек, место каде што живее мала заедница на рибари и одгледувачи на школки. Помеѓу нив се наоѓа и семејството Бруфор, водени од таткото Бруфор со прекар „Вечниот“ и неговиот син Малут. Од другата страна, надвиснувајќи се на ридот е Тифониумот, величествената вила на ван Петегемови, буржоаско ексцентрично семејство кое вообичаено ги поминува летата на брегот. По пет денови на брегот, како што започнува необичната љубовна приказна помеѓу Малут и младата Били ван Петегем, двете семејства ќе се најдат збунети и со разнишани очекувања и гледишта за животот.
Оваа необична комедија со елементи на слепстик и бурлеска и со една од најнеобичните улоги на Жулиет Бинош на големото платно беше номиниранa за „Златна палма“ на Канскиот филмски фестивал во 2016 година. Почетокот на XX век го означува растежот на буржоазијата, индустријата, капитализмот и, оттука, засилената класна борба, а филмот на Димон е токму за овој втемелувачки наратив на нашата ера. За режисерот филмот е „друг и можеби поинтересен начин да се создава филозофија“ – дисциплина којашто нашироко ја проучува за време на универзитетските денови кога се фокусира на Естетиката на филмот и ја пишува тезата „Филозофија и естетика на андерграунд филмот”.