Организатор: Филозофско друштво на Македонија

ФИЛОЗОФСКО ДРУШТВО НА МАКЕДОНИЈА 

Filozofsko drustvo na MakedonijaФилозофското друштво на Македонија (ФДМ) е здружение на граѓани кое во својот сегашен облик постои од 2003 година. Оттогаш ФДМ има реализирано голем број на проекти, како и остварено бројни соработки со институции и здруженија од земјата на проекти од областа на филозофијата, како и на интердисциплинарни проекти. Организирани се голем број на филозофски средби, трибини, научни собири и симпозиуми од кои во оваа прилика ги издвојуваме дводневниот симпозиум посветен на Имануел Кант (Битола, јуни 2004), Регионалната конференција на асоцијацијата на филозофите на Југоисточна Европа во 2007 чиј домаќин беше ФДМ и овогодинешниот Прв меѓународен филозофски дијалог Исток-Запад, симпозиум НАУКА И РЕЛИГИЈА (Скопје-Св.Николе-Охрид) во заедничка организација со Македонската академија на науките и уметностите и Меѓународниот славјански универзитет „Гаврило Романович Державин“ на кој земаа учество четворица реномирани професори од Оксфордскиот универзитет, професори по филозофија од Русија, колеги од повеќето Балкански земји и професори од Република Македонија.

          Здружението од 2006 година е член на меѓународната организација на филозофски друштва – FISP (Fédération Internationale des Sociétés de Philosophie), а се јавува и како издавач на две филозофски списанија: Филозофија и Филозофска трибина (првото со меѓународен предзнак, а второто од локален карактер). Првото македонско филозофско списание Филозофска трибина во 2014 и 2015 година беше финансиски поткрепено од Министерството за култура на РМ. Една од главните активности на Друштвото од 2003 година е и организацијата на научни собири и симпозиуми по повод Светскиот ден на филозофијата кој беше востановен од УНЕСКО во 2002 година и кој се прославува насекаде низ светот. Во рамките на Светскиот ден на филозофијата во Македонија се организирани Симпозиуми и Научни собири посветени на мислители како Џорџ Беркли, Георг Вилхелм Фрид­рих Хегел, Огист Конт, Артур Шопенхауер, Дејвид Хјум и Чарлс Дарвин, но и Научни собири со проблемски определена тема: „Филозофијата и македонскиот јазик“, „Филозофијата на крстопат: аналитичка и/или континентална филозофија“, „Филозофијата денес“, „Филозофијата и образованието“, како и минатогодинешниот симпозиум – „Филозофија и политика“. Како признание на општествената значајност на оваа манифестација во 2013 и 2014 год. нејзин покровител беше Претседателот на Република Македонија, г-динот Ѓорге Иванов.

               Од бројните институции и организации со кои Друштвото има соработувано ќе ги споменеме: Македонската академија на науките и уметностите, Францускиот институт во Скопје (Месец на француската филозофија), Гете институтот Скопје (Месец на германската филозофија), Институтот „Конфуциј“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје (Месец на источната филозофија), Британската амбасада (Месец на британската филозофија), Здружението на класични филолози „Антика“ (два интердисциплинарни симпозиуми), ЕУ Инфо центарот, Факултетот за музички уметности, Православниот Богословски факултет – Скопје, МСУ „Гаврило Романович Державин“ – Свети Николе – Битола, како и долгогодишната плодна соработка на Друштвото со Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје. Покрај ова, Друштвото организира бројни промоции на книги, разни предавања од областа на филозофијата и е континуирано посветено на промовирањето на филозофските вредности и култура во Македонија.

       Во 2013 година, по веќе докажаниот успех од претходните изданија на Филозофскиот филмски фестивал, Филозофското друштво на Македонија го презема Фестивалот, кој оттогаш се организира во негови рамки токму како проект на Друштвото. Во рамките на Друштвото функционира Комисија за филм и филозофија (координатор: Ана Дишлиеска-Митова), чиј тим го претставува Организацискиот одбор на Фестивалот задолжен за негова успешна реализација.

Leave a Comment