Селектори и жирија на Фестивалот
СЕЛЕКТОРИ НА ФЕСТИВАЛОТ

Кирил Трајчев - долгометражни филмови

Дејан Здравков - краткометражни филмови
-
Кирил Трајчев - долгометражни филмови
КИРИЛ ТРАЈЧЕВ работи како професор на Филмската академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Од 2015 год. е во функција на научен соработник на Меѓународниот славјански универзитет „Г.Р. Державин“. Учесник е на повеќе алтернативни и непрофесионални филмски и театарски фестивали. Автор е на неколку аматерски кратки филмови. Има објавувано авторски текстови во повеќе списанија и зборници. Автор е на една книга од областа на театарската уметност и добитник е на признание за поетска книга. Има учествувано и на повеќе научни собири. Долгогодишен член е на Градскиот театар „Сцена `71“ од Свети Николе. -
Дејан Здравков - краткометражни филмови
ДЕЈАН ЗДРАВКОВ, роден во Велес, дипломира и магистрира на Институтот за филозофија при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а на истиот Институт докторира филозофски науки во 2015 год. одбранувајќи ја дисертацијата под наслов: „Егзистенција и интуиција – Бергсоновото и Хајдегеровото поимање на човекот и времето“ под менторство на проф. д-р Ферид Мухиќ. Се занимава со истражувања во областа на филозофската антропологија и естетиката. Во слободно време се занимава и со пишување на раскази, сценарија за краткометражни играни филмови и со сликарство.
ЖИРИ НА ДОЛГОМЕТРАЖНИ ФИЛМОВИ

Ферид Мухиќ

Владимир Љ. Ангелов

Амирхосеин Асгари (Amirhossein Asgari)
-
Ферид Мухиќ
Акад. ФЕРИД МУХИЌ е филозоф, поет, планинар. Предавал филозофија (Нововековна филозофија, Современи филозофски правци, Филозофска антропологија, Филозофија на религија, Филозофија на политика) на Институтот за филозофија при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Скопје. Сега е емeритус професор на IBU и пратеник во Собранието на Република Македонија. Како визитинг професор по Современа западна мисла држел предавања на повеќе универзитети во Европа, САД, Малезија и Сингапур. Покрај големиот опус авторски книги од областа на филозофијата, пишува и поезија и проза, со кои е застапен во филозофски и книжевни антологии во повеќе земји, а преведуван е на десеттина јазици. -
Владимир Љ. Ангелов
ВЛАДИМИР Љ. АНГЕЛОВ по дипломирањето на ФДУ кратко време работи како продуцент во Вардар филм, а од 1995 г. работи во Кинотеката на Македонија и во 2017 г. е назначен за в.д. директор. На почетокот на кариерата работи на рекогнисцирање и реставрација на македонскиот филмски фонд, a од 2006 – 2017 е одговорен за реализација на месечната филмска програма, реализирајќи и соработувајќи на голем број проекти како прикажување на филмски циклуси од разни национални кинематографии, ретроспективи на автори, како и презентација на програми посветени на филмската класика, но и на современата кинематографија. Од 1997 соработува со списанието КИНОПИС и објавува околу триесеттина текстови. -
Амирхосеин Асгари (Amirhossein Asgari)
АМИРХОСЕИН АСГАРИ е роден во 1978 г. во Иран. Ја започнува својата кариера во театарот, а по завршувањето на студиите на Факултетот за драмски уметности во Техеран, се ориентира кон светот на телевизијата и филмот. Бил асистент на повеќе од 50 филмови и серии, пат кој го води кон снимањето на својот прв краток експериментален филм „Дремка“ (Catnap/Chort e Kotah, 2008). Филмот „Можеби некогаш друг пат“ (Maybe another time, 2012) е неговиот втор краток филм со кој доживува успех на домашни и на интернационални фестивали. БЕЗ ГРАНИЦИ е долгометражниот филмски првенец на Асгари со кој се здоби со повеќе интернационални признанија.
ЖИРИ НА КРАТКОМЕТРАЖНИ ФИЛМОВИ

Владимир Мартиновски

Вера Хаџи-Пуља

Игор Анѓелков
-
Владимир Мартиновски
ВЛАДИМИР МАРТИНОВСКИ е поет, раскажувач, есеист, книжевен критичар, преведувач. Работи како редовен професор на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Автор е на девет поетски книги, три книги со хаибуни, десетина книжевно-теориски книги и околу 250 статии. Неговите песни се објавени на дваесеттина јазици. Добитник е на неколку книжевни награди. По покана на Фестивалот Македокс компонирал музика за фрагмент од култниот филм Човек со филмска камера (1929). Во 2017 год. компонирал музика за краток филм на Дилман Дила од Уганда, а негови песни се поместени во филмот Ова не е филм на Сантијаго Гиралт од Аргентина, кој ќе биде промовиран во 2018 година. -
Вера Хаџи-Пуља
ВЕРА ХАЏИ-ПУЉА e асистент-докторанд на Филозофскиот Факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Своето високо образование го завршува на Université de Strasbourg, студирајќи филозофија. По дипломирањето, се запишува на магистерски студии во рамките на програмата Erasmus Mundus Europhilosophie, каде ја изучува француската и германската феноменологија. Докторските студии ги завршува на универзитетот Париз-Сорбона (Paris IV), истражувајќи ја раната германска феноменологија. Има учествувано на повеќе научни собири во Македонија и странство, а има објавено и неколку научни трудови. -
Игор Анѓелков
ИГОР АНЃЕЛКОВ дипломирал на Интердисциплинарните студии по новинарство, а магистрирал на мастер студиите по „Медиуми и комуникации“ на Правниот факултет при УКИМ. Со медиско третирање на филмската уметност активно се занимава од 1997 година преку рецензии во различни дневни, неделни и месечни весници, како автор на филмската радио-емисија „РЕДРУМ“ на Канала 103, и веројатно најпрепознатлив по филмскиот магазин „Филмополис“ на ТВ Телма. Бил член на жиријата на домашните фестивали „Македокс“, „Осфаф“, „Ехо“... Исто така, Анѓелков е долгогодишен уредник во издавачката куќа „Или-Или“, и зад себе има објавено неколку книги, меѓу кои и од областа на филмот.