Ден 7 –
БЕТИ БЛУ, АТЛАНТИДА и ВДИШИ-ИЗДИШИ

Францускиот филмски класик БЕТИ БЛУ, АТЛАНТИДА и ВДИШИ-ИЗДИШИ од Селекцијата на долгометражни филмови, ден пред затворањето на Филозофскиот филмски фестивал

Оваа среда, на програмата на 11. Филозофски филмски фестивал публиката ќе има последна можност да ги погледне долгометражните филмови од официјалната селекција – најдобриот филм на „Хоризонти“ во Венеција „АТЛАНТИДА“ (Atlantis)  и добитникот на Гранд При од жирито во Шангај „ВДИШИ- ИЗДИШИ“ (Inhale-Exhale).

Вечерта во 17 часот ќе ја отвори „АТЛАНТИДА“ на украинскиот режисер Валентин Васјанович (Valentin Vasyanovych) којашто раскажува дискретна постапокалиптична приказна за животот на Сергеј, поранешен војник, во една алтернативна историја на Украина кога се завршува една војна. Поствоената состојба во овој случај не носи радост и задоволство, бидејки тоа што е останато е полошо и од самата војна, особено кога е во прашање малиот, обичен човек. За АТЛАНТИДА, Variety ќе напише „Уверливо парче на чист поетски филм“.

Победникот од Шангај, „ВДИШИ- ИЗДИШИ“ на грузискиот режисер Дито Ѕинѕадзе (Dito Tsintsadze) дава перспектива за предизвикот на живеењето во едно традиционално општество каде што не секогаш е лесно да се биде различен и секој кој е поинаков од другите може да се соочи со проблем или закана.

За филмот Hollywood Reporter ќе напише дека не постојат многу филмови кои целосно се нурнуваат во темните длабочини на човечките релации со храброста со која тоа го прави филмот на Дито Цинцадзе. Со исклучителен сензибилитет и маестрална префинетост грузискиот режисер ни ги опишува убиствените предрасуди на провинцискиот град упатени секому кој отстапува од воспоставените норми.

 

Во последниот термин од 21 часот, посетителите во летното кино „Мирно лето“ во дворот на Кинотеката ќе имаат можност да погледнат и еден француски филмски класик од 80-тите години во рамките на Ревијалната програма: филм – философија, а во соработка со Францускиот институт во Скопје. БЕТИ БЛУ (Betty Blue) базиран на хит новелата 37°2 изутрина на Филип Џиан (Philippe Djian), бил номиниран за БАФТА и Оскар за Најдобар филм од странско говорно подрачјe во 1987-та година. Жан-Жак Бенекс (Jean-Jacques Beineix) е режисер на една летна и топла, еротска драма со медитерантски вибрации, но и епска приказна за љубовната излуденост во која лебди прашањето што сè се прави во името на страста и љубовта.

„Зорг одржува неколку бунгалови на една од плажите на францускиот медитеран и започнува страсна љубовна врска со убавата и дива 19-годишна Бети (волшебната Беатрис Дал). По една страсна кавга, Бети го открива неговиот прв, сè уште необјавен роман, и очајно бара начин да го издаде. Тие заминуваат да живеат на периферијата на Париз каде што таа, убедена во генијалноста на Зорг, деноноќно се обидува да најде издавач, но од сите бидува одбиена. Добрите намери на Бети стануваат сè полуди и не е сигуно дали љубовта на Зорг ќе преовладее гледајќи ја својата љубена како излудува“

Краток онлајн вовед кон филмот БЕТИ БЛУ ќе даде британскиот професор од областа на филмот и филозофијата Џон О’Меларка од Кингстон Универзитетот во Лондон, Велика Британија, кој годинава е член на жирито во селекцијата на долгометражни филмови, а учествуваше и на Меѓународната конференција „Филозофија и филм“ којашто се одржа во рамките на фестивалот пред почетокот на Главната програма (конференциските излагања се достапни на YouTube каналот на Фестивалот: Philosophical Film Festival).

Проф. д-р Џон О’Меларка е и член на редакцискиот одбор на светски познатото научно списание од оваа област Film-Philosophy.

 

Вчеравечер, вљубениците во философијата и филмот имаа можност во Кинотеката да ги погледнат долгометражните филмови ПРОБЛЕМОТ СО ПРИРОДАТА И ЅИД од натпреварувачкиот дел на Филозофскиот филмски фестивал и научно-фантастичниот ЕВА  со излагањето на проф. д-р Владимир Давчев во рамките на Ревијалната програма филм-философија, по што следуваше интересна дискусија со публиката присутна во кинотечната сала за човекот и неговиот однос кон вештачката интелигенција.

Related Post