Марсел Дишан: Уметноста на возможното – Closing Film (30/05, 20.00)
[ФФФ Docs.] CLOSING FILM
МАРСЕЛ ДИШАН: УМЕТНОСТА НА ВОЗМОЖНОТО / MARCEL DUCHAMP: THE ART OF THE POSSIBLE (2020), реж. Метју Тејлор / Matthew Taylor, САД, 90′
со вовед во филмот на Кирил Трајчев (професор и селектор на ФФФ)
30 мај (сабота), 20.00 часот , www.cinesquare.net/pff
Што е уметност? Ова беше прашањето што го постави таткото на концептуализмот, Марсел Дишан, кога стави писоар во уметничка галерија во 1917 година. Документарниот филм МАРСЕЛ ДИШАН: УМЕТНОСТА НА ВОЗМОЖНОТО ја разоткрива парадигматската промена на уметноста во XX век преку радикалните дела (и идеи) на Дишан коишто го предизвикаа тогашното статус кво и отклучија неограничени потенцијали за генерациите што следеа по него. Благодарение на Дишан, уметноста повеќе никогаш нема да биде иста.
Филмот го истакнува уникатното влијание на филозофијата и уметноста на Дишан и, што е уште поважно, истражува како револуционерните идеи на Дишан од почетокот на XX век сè уште ја обликуваат уметноста и културата во XXI век.
УМЕТНОСТА НА ВОЗМОЖНОТО е во режија на Метју Тејлор (Matthew Taylor), самиот уметник и наградуван филмски режисер, и вклучува интервјуа со некои од најистакнатите експерти за делото на Дишан, но и повеќе уметници, меѓу кои и Марина Абрамовиќ (Marina Abramović), Џозеф Косут (Joseph Kosuth), Ед Раша (Ed Ruscha), Мишел Гондри (Michel Gondry) и Џеф Кунс (Jeff Koons).
ЗА КИРИЛ ТРАЈЧЕВ
Кирил Трајчев е професор на Меѓународниот славјански универзитет „Г.Р. Державин“. Неколку години предавал и на Филмската академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Учесник е на повеќе алтернативни и непрофесионални филмски и театарски фестивали. Учествувал и во реализацијата на кратки филмови и театарски проекти. Има објавувано текстови во повеќе списанија и зборници. Земал учество и на повеќе научни собири и конференции. Од 2017 г. е во функција на Селектор на долгометражни филмови на Филозофскиот Филмски Фестивал. Трајчев е и еден од организаторите на ФФФ Караванот во Источна Македонија и реализатор на работилници за филозофија и филм.