ФИЛ(М)ОСОФИЈА ЗА ДЕЦА
со д-р Јоана Хокен (Johanna Hawken) од Франција
Стручен соработник: д-р Мартин Поповски
Програмата е организирана со поддршка на УНЕСКО катедрата: практикување филозофија за деца, основа за интеркултурен дијалог и општествени промени и нејзиниот раководител − проф. д-р Едвиж Ширутер (Edwige Chirouter) од Франција |
![]() |
Како би изгледала една филозофска практика со деца инспирирана од филмот?
И, како, во францускиот „град на филозофијата“, Романвил, се работи филозофија со граѓани од сите возрасни групи и различна животна преокупација во „Куќата на филозофијата“ (Maison de la philosophie)?
На крајот, какви би можеле да бидат придобивките од практикувањето на филозофијата со деца, дисциплина и практика која сесрдно ја препорачува и поттикнува УНЕСКО?
Специјална гостинка во Едукативната Програма:
Jоана Хокен (Johanna Hawken) од Франција е доктор по филозофија
и практичар чија страст за филозофијата и за светот на детството се поврзани во цврстото убедување за можноста од создавање филозофско образование за деца (од 5-16 годишна возраст). Водена од ова убедување, таа организира филозофски работилници низ цела Франција од 2009 год., а особено во Романвил (источен Париз) каде што ја создава „Куќата на филозофијата“ (Maison de la philosophie) – експериментална структура посветена на филозофските практики со различни групи граѓани. Хокен има објавено повеќе книги од областа на филозофијата за деца, а во сите нив се огледува нејзиното верување дека филозофијата може да биде од корист за сите деца, овозможувајќи им вистински да ги пресретнат промените, низ заедничка рефлексија и во дијалог за нашето заедничко постоење.
настаните во овој сегмент од Програмата се организирани со поддршка на Француски институт – Скопје
03 Мај (петок)
09:00 – 10:00
Филозофска работилница за деца: „Дали имагинацијата е моќна?“ (настан од затворен тип)
Настан со деца од француска паралелка во ОУ „Димитар Миладинов“ за демонстрација
на методот
12:30 – 14:30
Предавање: „Филозофијата за деца и истражувањето на светови“
Свечена сала на Филозофски факултет – Скопје
Воведно предавање на д-р Јоана Хокен за Филозофијата за деца, како и споделување на искуството од воведувањето на оваа филозофска практика во Франција (фокус: Куќа на филозофијата).
16:30 – 19:30
Работилница: „Фиктивни светови, реални светови: Филозофијата за деца преку филмот“
Француски институт, Скопје
Работилница за наставници, студенти и родители заинтересирани за развојот на критичката рефлексија и креативната мисла кај децата уште од најрана возраст и со интерес за продлабочено истражување или практикување на оваа област. Филозофијата за деца како дисциплина е широко промовирана во светски рамки од страна на УНЕСКО, а работилницата на која ќе учествуваат околу 20 учесници е втора работилница за Филозофија за деца организирана во нашата земја (првата беше во рамките на ФФФ 2018 со Дејвид Ларсон, Данска).
ФИКТИВНИ СВЕТОВИ, РЕАЛНИ СВЕТОВИ: ФИЛОЗОФИЈАТА ЗА ДЕЦА ПРЕКУ ФИЛМОТ
Честопати си мислиме дека филозофијата е една рационална, сериозна и херметичка дисциплина која размислува во еден апстрактен и крут свет. Но, во реалноста, филозофирањето, а особено со децата, претставува истражување на прашањата кои сите ние си ги поставуваме – прашања за животот, за светот, за луѓето. Покрај филозофијата, и филмот, исто така, се запрашува за егзистенцијата, но преку фикција. Преку неговата фиктивна, лудичка и истражувачка форма тој претставува една скапоцена основа за иницирање на филозофската практика со децата.
19:30 – 21:00
Проекција на францускиот документарен филм за филозофската практика со деца
ОВА Е САМО ПОЧЕТОК (Just a Beginning / Ce n’est qu’un debut, 2010)
реж. Жан-Пјер Пози / Jean-Pierre Pozzi (FR), 97’
Француски институт, Скопје (слободен влез, ограничен капацитет)
ОВА Е САМО ПОЧЕТОК ги следи часовите со децата од една градинка во период од две години. Но ова се многу необични часови бидејќи децата, на возраст од 3 до 5 години учат… филозофија! Седејќи во круг околу ритуалната свеќа, децата им пристапуваат на универзалните теми на љубовта, моќта, разликите, растењето, смртта и други теми на иновативен, забавен, а понекогаш и безмилосен начин. Малку по малку, филозофската работилница станува привилегиран момент каде секое дете размислува за зборовите на другите, учи да слуша и како да влезе во дијалог со соучениците. Од сега ќе можат да размислуваат сами! Со своите чувства, необични експресии и контрадикторности, децата во оваа градинка се пример за еден иновативен експеримент. ОВА Е САМО ПОЧЕТОК е филм за една извонредна приказна на едно училиште свртено кон иднината.
08.05 (среда), 12:00 – 14:00
Фил(м)ософија за деца (8-9 години) со д-р Мартин Поповски
Џебно кино, МКЦ (настан од затворен тип)
Средба со филозофијата преку филмот за најмалите. Модераторот, д-р Мартин Поповски, ќе аплицира дел од техниките во експериментален филм-философија час со клас од Француското интернационално училиште EFIS во Скопје, по гледањето на кус анимиран филм за деца кој ќе инспирира креативна и критичка рефлексија на некои од темите во филмот.