Филозофски Филмски Фестивал 2016

     web-poster_fff-2016-so-kamnik

     Шестото издание на фестивалот започна со голема амбиција. Амбицијата беше да се заокружи соработката меѓу сите заинтересирани страни во Македонија од областа на филозофијата и филмот. Покрај вопоставената соработка со Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје од самите почетоци на фестивалот, и НУ Кинотека на Македонија веќе втора година како партнерски институции на фестивалот, во 2016 година на фестивалот како соработник му се приклучи и Универзитетот за Аудиовизуелни Уметности Европска, Филмска, Театарска и Танцова Академија – Скопје (ЕФТА). Со оваа соработка, мостот помеѓу филозофијата и филмот се воспостави и се започна подлабока соработка на полето на филм-философијата во земјата.

     Втор значаен чекор на второто издание на фестивалот беше збогатувањето на едукативната програма на Филозофскиот Филмски Фестивал, покрај со работилницата за студенти, и со >> средношколска видео лектира << вклучувајќи ја и средношколската популација во фестивалот. Остваривме соработка со четири гимназии од главниот град – СУГС Гимназија „Раде Јовчевски Корчагин“, СУГС Гимназија „Орце Николов“, СУГС „Георги Димитров“ и СУГС Гимназија „Никола Карев“, а подоцна и со СОУ „Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија кои самоницијативно му се приклучија на проектот. Учениците имаа можност да го погледнат култниот „Големиот диктатор“ (1940) на Чарли Чаплин во Кинотеката на Македонија, а потоа под менторство на своите професори да изработат есеј на тема „Големиот диктатор: слободниот човек во неслободно општество“. Есеите беа дел од Конкурсот за најдобар средношколски филмософски есеј кој во 2016 година се одржува за прв пат на фестивалот. Стручно жири од двата универзитети одлучи за трите најдобри есеи и учениците беа наградени во рамките на свеченото доделување на награди со едногодишни стипендии од ЕФТА за трите првонаградени ученици, парични награди од Градот Скопје, филозофска литература од „Аз-Буки“, филозофски списанија од Филозофското друштво на Македонија и подароци од Кинотеката на Македонија. Наградениот есеј ќе биде објавен во тематот „Филозофија и филм“ на списанието „Филозофска трибина“ – прва публикација од ваков тип во Македонија.

     Работилницата за студенти беше вториот сегмент на едукативната програма, ова издание во соработка со м-р Ана Опачиќ од Универзитетот за Аудиовизуелни Уметности ЕФТА која припреми работилница за сценарио за студентите под наслов „Од идеја до премиера“. Студентите од Филозофскиот факултет добија единствена шанса да ја претпочат својата креативност и вештини за пишување во изработката на сценарио за креирање на едноминутен филм на тема „Слобода“. Краткиот филм на Андреј Богатиновски беше награден во рамките на Фестивалот, и Андреј исто така доби парична награда, филозофска литература и списанија, и подарок од Кинотеката на Македонија. Едноминутниот филм “Realis” беше прикажан на свеченото доделување на награди организирано за учесниците во едукативната програма, но и на свеченото затворање на фестивалот на последниот фестивалски ден. “Realis” на Андреј може да се погледне и на YouTubе каналот на фестивалот: Philosophical Film Festival, а беше промовиран и преку оваа веб страница и фејсбук страницата на ФФФ.

     Главната програма на шестото издание на фестивалот се одржа од 07-09.04.2016 во Конотеката на Македонија. Во рамките на главната програма имавме три проекции за љубителите на фиолософијата и филмот. Првата проекција беше францускиот филм „Еден маж и една жена“ (1964) на Клод Лелуш во соработка со Францускиот институт- Скопје. Проф. д-р Денко Скаловски од Институтот за родови студии при Филозофскиот факултет во Скопје одржа кратко предавање за публиката симболично насловено Едноставно: еден маж и една жена кое инспирираше дискусија после филмот, а гостите можеа да продолжат со дијалог и во неформална атмосфера по завршувањето на вечерта – со мал коктел подготвен од нашите спонзори Горска и Камник во фоајето на Кинотеката на Македонија. Втората проекција беше филмот „Касаба“ (1997), првиот игран филм на светски познатиот и признат турски режисер Нури Билге Џејлан. Проекцијата беше организирана во соработка со Турскиот културен центар „Јунус Емре“ – Скопје, а предавачот на вечерта – д-р Дејан Здравков одржа експозе на тема Чехов во Анадолија – изградба на една поетска фабула кое предизвика огромен интерес кај публиката. Третата и последна проекција од главната програма беше посветена на култниот „12 гневни луѓе“ (1957) на Сидни Ламет со предавањето на проф. д-р Ана Димишковска од Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет – Скопје насловено Правдата, казната и гневот: како се одлучува за животот и смртта. Професорката Димишковска низ перспективата на филозофијата на правото која и е потесна специјалност даде автентична интерпретација на филмот која предизвика филозофска рефлексија инспирирана од мотивите на филмот на Ламет.

     По завршувањето на официјалната програма на фестивалот во Скопје, Филозофскиот Филмски Фестивал продолжи со ФФФ Караванот, патувачкото кино на Филозофскиот Филмски Фестивал, кое по проекциите во главниот град се упати кон уште три градови на Република Македонија: Прилеп, Битола и Свети Николе. Во овие три градови одржавме по една проекција од отворен тип, проследена од дискусии со публиката на темите инспириани од филмот а поттикнати од предавањето, во соработка со локалните организатори и наши партнери во секој од овие три градови. Во Прилеп гостуваше проф. д-р Ана Димишковска со „12 гневни луѓе“ во соработка со првиот македонски филозофски портал „Акиндин“. Во Битола фестивалот го пречека дебатно кино „Контра кадар“ со кои на битолската публика во Малата сала на Центарот за културата и го прикажавме „Касаба“ заедно со предавањето на д-р Дејан Здравков. Последниот настан со кој го завршивме ФФФ Караванот, а со тоа го заокруживме и шестото издание на фестивалот, се одржа во Свети Николе на Меѓународниот Славјански Универзитет „Г. Р. Державин“ чиј гостин беше проф. д-р Денко Скаловски со тема инспирирана од филмот „Еден маж и една жена“ на Клод Лелуш. Со ова успеавме да донесеме дел од атмосефарата на Филозофскиот Филмски Фестивал и надвор од главниот град.

За фотографии од шестото издание, погледнете: Фотографии_ФФФ 2016.

За видеа од излагањата на фестивалот, погледнете: Видеа_ФФФ 2016.