Ревијална програма: филм-философија

Граѓанинот Кејн (Citizen Kane, 1941)

Исцеление (The Healing, 2014)
Со вперени камери (Shooting Ourselves, 2016)

Небо од ванила (Vanilla Sky, 2001)

Ревија на кратки филмови и разговор со проф. д-р Стефан Сидовски,

Бранот (The Wave, 2008)

Прашина (Dust, 2001)
-
Граѓанинот Кејн (Citizen Kane, 1941)
30.03 (четврток), 19.00 ч.
Игран филм, САД, 119 мин., црно-бел
Режија: Орсон Велс (Orson Welles)
Свечено отворање на Филозофски Филмски Фестивал 2017 и излагање на тема „Навраќање“ - проф. д-р Љубомир Цуцуловски
Култното остварување на Орсон Велс, според многумина најдобриот филм на сите времиња, останува симбол за техничко совршенство, наративна оригиналност и автентична режија. Чарлс Фостер Кејн, еден од најмоќните и најбогати луѓе во Америка, на својата смртна постела го изговара мистериозниот збор „Роузбад“. Во обид да го одгатне значењето на зборот, еден новинар раскажува приказна за момче одвоено од своето семејство. Младич полн со идеали којшто решава да биде издавач. Маж што се венча со внуката на претседателот на САД. Човек што се здобива со моќ онолку колку што ја губи својата душа. Парите и славата се недоволни за адекватна компензација на загубените младешки идеали; истото се случува и со Америка којашто ја отелотворува граѓанинот Кејн. -
Исцеление (The Healing, 2014)
31.03 (петок), 20.00 ч.
Игран филм, Србија, 90 мин., колор
Режија: Иван Јовиќ (Ivan Jović)
Сценарио: Моња Јовиќ (Monja Jović)
Mастерклас со Иван и Моња Јовиќ на тема „Теологија на филмот – светлописание на филмот ‘Исцеление’“
Филмска драма за драмата и немирот коишто се вгнездени во човечките срца и по завршувањето на војната. Херојот на филмот е православен христијански монах на пат на духовно исцеление низ претходно незамисливи ситуации. Приказната ја следи скалата на духовното воздигнување, метафорички претставено на почетокот на филмот преку патот на монахот кон издвоен испоснички живот. Лајтмотивот на полевањето на суво, мртво дрво што се повторува низ целиот филм, ја илустрира апсурдноста на вербата на монахот. Постојаната парализа на карактерите поради страданијата од војната го потенцира простувањето како единствено средство за вистинско исцеление. -
Со вперени камери (Shooting Ourselves, 2016)
01.04 (сабота), 20.00 ч.
Документарен филм, Норвешка, Данска, Германија,
88 мин., колор
Режија: Кристин Син (Christine Cynn)
Q&A со Кристин Син по проекцијата на филмот
Тринаесет животи чиишто судбини биле испреплетени со трговијата на оружје се сретнуваат во Берлин. Овие луѓе доаѓаат од целиот свет за да напарават драматизација и да ги снимат своите лични искуства за „Situation Rooms“, шоу на Берлинската театарска група „Римини Протокол“. Режисерката Кристин Син продолжува со своето истражување на насилството започнато во „Акт на убивање“, документарен филм кој го има ко-режирано со Џошуа Опенхајмер и кој беше номиниран за Оскар за најдобар документарен филм во 2014 година. „Со вперени камери“ зборува за чудесната атмосфера на оваа футуристичка продукција, во која непознати луѓе од целиот свет - и од сите страни на политичкиот спектар - се подложени на театарскиот свет во кој сите гледишта еднакво се третираат. Ова е приказна за дисфункционално, но топло семејство, чиишто членови се поврзани со оружје и војни. -
Небо од ванила (Vanilla Sky, 2001)
03.04 (понеделник), 20.00 ч.
Игран филм, САД, 137 мин., колор
Режијa и сценарио: Камерон Кроу (Cameron Crowe)
Излагање на тема „Фикцијата на киберпанкот како автентично искуство на стварноста“ – доц. д-р Вангел Ноневски и отворена дискусија со публиката
Дејвид Ејмс (Том Круз) сѐ што има го зема здраво за готово: богатството, наследената компанија, надворешниот изглед, но, пред сѐ, неговите љубовни врски. По една бурна вечер со одмаздољубивата пријателка/повремена партнерка неговиот живот се претвора во кошмар. Растргнат помеѓу две жени Дејвид запаѓа во соновидна, извртена реалност, каде што секој аспект од неговата психа излегува на виделина. -
Ревија на кратки филмови и разговор со проф. д-р Стефан Сидовски,
05.04 (среда), 20.00 ч.
Ревија на кратки филмови и разговор со
проф. д-р Стефан Сидовски, 41 мин.
Култниот корчагински професор, филозоф и режисер – Стефан Сидовски – оваа година на Филозофскиот Филмски Фестивал ќе се претстави со краток избор од неговите краткометражни филмови. Ревијата филмови ќе биде составена од: Контејнер (2008), Полуден револуционер (2006), Raison d’être (2015), Средба (2014), Големиот оратор (2007), C’est la vie (2016), In Continuo (2009). По проекцијата следува дискусија со професорот Сидовски. -
Бранот (The Wave, 2008)
06.04 (четврток), 20.00 ч.
Игран филм, Германија, 107 мин., колор
Режија и сценарио: Денис Генсел (Dennis Gansel)
Излагање на тема „Бранот: Човечката психологија и авторитарноста“ – проф. д-р Јасна Котеска и отворена дискусија со публиката
Базиран на роман, а инспириран од идејата за општествени експерименти, „Бранот“ зборува за обидот на еден професор да го промени светот. Средношколскиот професор Рајнер Вегнер е омилен меѓу учениците, но истовремено е невообичаена личност. Сакајќи да ги научи учениците на идејата за автократија, тој ги поттикнува да симулираат самовладеење како општествен облик. За жал експериментот излегува од контрола и почнува да наликува на историското минато на Германија. Соочени со новонастанатиот ужас, ќе успеат ли Вегнер и неговите ученици да се избават од стравичните околности? -
Прашина (Dust, 2001)
07.04 (петок), 19.00 ч.
Игран филм, Македонија., 127 мин., колор
Режија и сценарио: Милчо Манчевски
Свечено затворање на Фестивалот со доделување на наградите и излагање на тема „Естетиката и насилството. За филмот ‘Прашина’ на Милчо Манчевски“ – проф. д-р Драган Проле од Филозофскиот факултет во Нови Сад, Србија
„Прашина“, второто филмско остварување на Манчевски, е приказна распослана на два континента и низ три столетија, во којашто балканскиот див исток се судира со американскиот див запад. Во САД ја следиме братската борба за љубовта на една жена, а на Балканот обидот на еден млад револуционер да ја ослободи Македонија од Отоманската империја. Филмот е предмет на бројни култоролошки анализи, филмски есеи и расправи, со што дополнително ја потврдува својата (уметничка, естетичка, културна) вредност во нашите локални рамки, но и многу, многу пошироко.