Ревијална програма: филм-философија

Ограда против зајаци (12.04)

Вртоглавица (13.04)

Натрапникот (14.04)
Браќа (17.04)

Без граници (18.04)

Смрт во Венеција (19.04)
-
Ограда против зајаци (12.04)
12.04 (четврток), 19.00
ОГРАДА ПРОТИВ ЗАЈАЦИ (Rabbit-Proof Fence, 2002)
реж. Филип Нојс / Philippe Noyce (AU), 93’
Излагање на тема: Светот - карантин за лепрозните
– акад. Ферид Мухиќ
Свечено отворање на 8. Филозофски Филмски Фестивал
Западна Австралија, 1931 година. Време кога мелеските деца се одземани од абориџинските мајки и се носени на превоспитување по наредба на Заштитникот на Западните Австралиски Абориџини, А. О. Невил (нарекуван од нив г. Девил). Моли, Дејзи и Грејси, две сестрички и нивната братучетка на возраст од 14, 8 и 10 години, решаваат да го напуштат кампот минувајќи повеќе од 2.000 км за да се вратат кај мајка си. ОГРАДА ПРОТИВ ЗАЈАЦИ е филм за обидот една култура да асимилира друга култура и за неотуѓивото право на живот, култура и јазик низ една приказна од вистинскиот живот на австралиските „украдени генерации“ (Stolen Generations).
Филмот е базиран на книгата „Следи ја оградата против зајаци“ (Follow the Rabbit-Proof Fence) на Дорис Пилкингтон Гаримара, ќерката на Моли, a покрај бројни награди од критичарите и публиката, добитник е и на наградата за Најдобар филм на австралиските AACTA награди во 2002 година. -
Вртоглавица (13.04)
13.04 (петок), 18.30
ВРТОГЛАВИЦА (Vertigo, 1958), реж. Алфред Хичкок /
Alfred Hitchcock (US), 128’
Излагање на тема: Vertigo: The Thinking and Living Image
– вонр. проф. д-р Џан Мариа Торе (Gian Maria Tore) од Универзитетот во Луксембург
Џон „Скоти“ Фергусон (Џејмс Стјуарт) е принуден да се пензионира откако неговата акрофобија ја предизвикува смртта на колега полицаец и на жената која е најмен да ја следи. Хичкоковата ВРТОГЛАВИЦА, романтична мистерија за опсесијата, манипулацијата и стравот, е едно од најмаркантните филмски остварувања на „маестрото на саспенсот“, а во 2012 год. тој е прогласен за најдобар филм на сите времиња на престижната анкета на списанието „Сајт енд саунд“ (Sight & Sound) на Британскиот филмски институт (BFI) - преземајќи го тронот од ГРАЃАНИНОТ КЕЈН на Орсон Велс по 50 години.
Скоти се заљубува во жена која не постои, таа мамејќи го се измамува себеси и се вљубува во него, а тој преферирајќи го сонот наместо стварноста ги губи и двете. Што се случува кога вртоглавицата на главниот протагонист на филмот се претвора во вртоглавица на гледачот?
Со поддршка на Филозофскиот факултет при УКИМ -
Натрапникот (14.04)
14.04 (сабота), 18.30
НАТРАПНИКОТ (The Intruder / L’intrus, 2004)
реж. Клер Дени / Claire Denis (FR), 130’
Излагање на тема:
Intrusions: Claire Denis and Jean-Luc Nancy
– Хана Павек (Hannah Paveck) од Кингс колеџ Лондон
„Моите филмови не се високо интелектуални,“ ќе изјави Клер Дени, „а НАТРАПНИКОТ е како брод што изгубен во море само лебди...“
НАТРАПНИКОТ, номиниран за Златен лав на 61-от Филмски фестивал во Венеција, е базиран на истоимениот автобиографски есеј на современиот француски филозоф Жан-Лук Ненси. Луј Требор (Мишел Субор), маж кој се ближи кон својата седумдесетта година, живее сам со своите кучиња некаде близу француско-швајцарската граница. Тој има проблем со срцето и итно му е потребна трансплантација. Ненси, кој и самиот преживува трансплантација, се запрашува: „Каде лежи животот? И што се случува кога вашето срце се претвора во странец/натрапник во вашето тело, а вие - странец/натрапник во светот?“
Инспирирани еден од друг, филозофот и режисерот постојано прават „интрузии“ во делата на другиот, а Дени на позадината од атмосферичната гитара и труба на Стјуарт Стејплс од Тиндерстикс (Tindersticks) од НАТРАПНИКОТ создава еден елиптична (аудио)визуелна поема во која и сликата и звукот имаат подеднакво значење и место.
Со поддршка на Францускиот институт - Скопје и Филозофскиот факултет при УКИМ -
Браќа (17.04)
17.04 (вторник), 18.30 ФФФ Doc.
БРАЌА (Brothers / Brødre, 2015)
реж. Осло Холм / Aslaug Holm (NO), 110’
Излагање на тема: Филозофија на детството или кон онтолошкиот јазик на детската игра – д-р Бошко Караџов
Двајца браќа, Маркус и Лукас, живеат во стара, жолта градска куќа во центарот на Осло. Потаму е Смола, местото каде што има израснато нивната мајка. Маркус сака фудбал и посакува да биде професионалец, а Лукас е филозофски настроен и има многу прашања за светот, на пример: „Мамо, што ќе се случи со моите соништа кога јас ќе бидам мртов, ќе бидат ли живи уште?“
Овој интимен документарен филм (честопати споредуван со МОМЧЕШТВО /Boyhood/ на Линклетер од 2014) ги следи Маркус и Лукас во текот на една деценија како растат - низ нивните соништа и надежи, очекувања и разочaрувања. Преку суптилната кинематографија на Холм, нивната мајка и режисер на филмот, и саморефлексивноста на филмот со нејзиниот лик како третиот протагонист од зад камерата, БРАЌА е филм за автентичниот живот на децата и за времето (времето на децата и времето на возрасните).
Филмот е добитник на норвешката Аманда - награда за најдобар режисер, а исто така и наградата за Најдобар интернационален документарен филм на Hot Docs во Торонто, Канада. -
Без граници (18.04)
18.04 (среда), 18.30
БЕЗ ГРАНИЦИ (Borderless / Bedone Marz, 2014)
реж. Амирхосеин Асгари / Amirhossein Asgari (IR), 100’
Q&A со режисерот Амирхосеин Асгари
БЕЗ ГРАНИЦИ е приказна за едно момченце што лови риби и прави ланчиња од школки на заштитен ‘рѓосан брод, на просторот меѓу две граници, на ничија земја... Тоа го трансформира бродот во место на неговата осаменост и спокој, во својот малечок свет среде војната. Неговата изолација и спокојство се вознемирени кога се појавува еден странец.
Филмот, направен со необично малку дијалог, со прекрасна камера (на Ашкан Ашкани / Ashkan Ashkani) и речиси без никаква музика е извонредна, контемплативна студија за последиците од војната и за тоа што значи да се биде човек и човечен. Филмот визуелно раскажува една универзална приказна низ специфично филмски јазик, и тоа низ очите на две деца како главни протагонисти.
Филмот е добитник на Asian Future Best Film Award на 27. Токиски филмски фестивал.
Со поддршка на Иранската амбасада во Скопје -
Смрт во Венеција (19.04)
19.04 (четврток), 19.00
СМРТ ВО ВЕНЕЦИЈА
(Death in Venice / Morte a Venezia, 1971)
реж. Лукино Висконти / Luchino Visconti (IT/FR), 130’
Излагање на тема: ‘Смрт во Венеција’ - од Ман до Висконти – проф. д-р Александар Прокопиев
Свечено затворање на Фестивалот и доделување на наградите
Густав Ахенбах (лик слободно базиран на Густав Малер, а игран од Дирк Богарт) е авангарден композитор од Германија кој патува на Лидо, во Венеција, во потрага по малку одмор и мир по препорака од неговиот лекар. Но, наместо мир, Ахенбах, кој е на работ на својата виталност и енергија, е прогонуван и измачуван од ликот на младо момче во својата адолесценција, Таџо (Бјорн Андресен), кое во очите на Ахенбах го отелотворува идеалот на сета убавина како Давид на Микеланџело или Мона Лиза на Да Винчи. Каква е природата на убавината во музиката, уметноста или во животот? И дали може да им се одолее на страстите? Кога, наспроти Ерос, Танатос ѝ се заканува на Венеција, сите идеали наскоро можат да исчезнат.
Филмската адаптација на Висконти на истоимениот роман на Томас Ман, проткаена со етеричното адаџо на Петтата симфонија на Густав Малер, е добитник на Специјалната награда 25 години Кански филмски фестивал во 1971 година.
Со поддршка на Италијанската амбасада во Скопје