Филозофски Филмски Фестивал: Фил(м)ософски одисеи (2015)
Во април 2015 година Фестивалот го одбележа својот петти роденден и, по овој повод, јубилејното издание на Фестивалот се одржа во Кинотеката на Македонија, простор соодветен на идејата на Фестивалот и во дослух со неговите растечки амбиции. На ФФФ 2015 се оствари и соработка со Кинотеката на Македонија која, покрај Филозофскиот факултет – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, од минатата година стана втора партнерска институција на Фестивалот. Фестивалот се одржа во четири фестивалски дена, а програмата беше конципирана во три сегменти: Главна програма, Придружна програма и Оф-програма. Во рамките на главната програма публиката ја имаше ретката можност на отворањето на Фестивалот да ја погледне првата македонска комедија – филмот Мирно лето (1961) на Димитрие Османли во кинотечно издание на филмска лента од 35 mm. По проекцијата следуваше експозе на проф. д-р Иван Џепароски насловено „Комичното во македонскиот филм: Мирно лето“, а на крајот од настанот се одржа и мал коктел за гостите проследен со филмска музика. Втората фестивалска вечер беше резервирана за Ларс фон Трир и неговиот контроверзен Антихрист. По проекцијата на филмот, доц. д-р Ристо Солунчев одржа кусо предавање на тема „Фон Трир и поетиката на распаѓањето“ по што следуваше долга дискусија со публиката. Последниот фестивалски ден започна со Мастер час со нашиот познат и признат режисер и филозоф – Игор Иванов Изи во рамките на кој се проектираше и неговиот краткометражен филм Бубачки, а во вечерните часови Фестивалот беше заокружен со култниот Рашомон на јапонскиот режисер Акира Куросава и со доц. д-р Стефан Сидовски од ЕСРА кој заеднички со публиката ја водеше „Потрагата по вистината во филмот Рашомон“.
Покрај главната програма, во рамките на Фестивалот се одржа и работилница за студенти насловена „Времето како филозофска димензија на филмот“ во која на студентите им беше предочена суштественоста на времето во креирањето на седмата уметност. Фестивалот беше организиран во соработка со две партнерски институции: НУ Кинотека на Македонија и Филозофски факултет – Скопје (УКИМ); материјална поткрепа му пружија спонзорите Горска и Камник; а медиумски покровители на Фестивалот беа: телевизија Телма, радио 103, порталите „Окно“ и „Акиндин“, и онлајн телевизија БЛА БЛА ТВ. Во организацијата на Фестивалот се вклучија и волонтери од Младинското филозофско друштво. Како заокржување на петтите Фил(м)ософски одисеи, во месец мај на иницијатива на првиот македонски филозофски портал „Акиндин“ се организираше еднодневно фил(м)ософско дружење во градот под Марковите кули каде професорот Сидовски ја продолжи потрагата по Вистината заедно со прилепската публика. Со овој настан се заокружи петтото јубилејно издание на Фестивалот.
→ Проспект на 5-тото издание на Фестивалот: ФФФ_проспект
Дизајн на постер: Ивона Михајловска