Гости

Кристин Син

Љубомир Цуцуловски

Иван Јовиќ и Моња Јовиќ

Вангел Ноневски

Стефан Сидовски

Јасна Котеска

Драган Проле

Гиорги Абашишвили и Миријам Штен
-
Кристин Син
Kристин Син (Christine Cynn) e уметник и режисер, позната по филмовите „Акт на убивање“ (The Act of Killing, 2012), „Со вперени камери“ (Shooting Ourselves, 2016) и „Глобализациски ленти“ (The Globlisation Tapes, 1988). Веќе 20 години се обидува да ја документира човековата имагинација, особено во контекст на екстремното политичко насилство, како што е индонезискиот геноцид од 1965 година. Син е корежисер на „Акт на убивање“ заедно со Џошуа Опенхајмер, филм кој беше номиниран за Оскар во 2014 година, а во кој е употребена играна филмска продукција како средство да се разбере како масовните убијци гледаат на себеси и во кој е документирано како „играњето на себеси“ може да биде трансформативно. Син ја разбира имагинацијата како автентична виртуелна стварност, структурирана главно од наратив и постојано си игра со начините на креирање, раскажување и аплицирање приказни. Градејќи врз мешавината од опсервација и драматизација во „Со вперени камери“ и „Акт на убивање“, Син исцртува широка рамка околу напукнатите реалности и пројавите на вистинскиот живот кои образуваат една глобална воена машина.
Во рамките на 7. Филозофски Филмски Фестивал ќе се одржи македонската премиера на документарниот филм „Со вперени камери“ проследена со Q&A со Кристин Син (01.04, Кинотека на Македонија, 20.00 ч.), како и Storychacking Masterclass (31.03, Кинотека на Македонија, 13.00 ч.) кој ќе има форма на хакатон за правење приказни (storyhacking game). -
Љубомир Цуцуловски
Љубомир Цуцуловски (р. 1948, Битола) е професор по Филозофија на религијата, Теории за религијата и Увод во филозофијата на Филозофскиот факултет во Скопје. Дипломирал на Катедрата за филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје, магистрирал на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје, а во 1992 година докторирал по филозофски науки на Филозофскиот факултет во Скопје, на тема „Карл Маркс: Раѓањето на историскиот материјализам (1841-1849)“.
Неговиот филозофски интерес насочен е, пред сè, кон проблемот на човековата алиенираност, како и кон темелните филозофски прашања кои се непосредно поврзани со метафизичките прашања за Бог и за неговото постоење. Особено внимание посветува на прашањето за постоењето на злото во светот, под претпоставка дека сеумниот, седобриот и семоќниот Бог го создал светот.
Во рамките на 7. Филозофски Филмски Фестивал ќе се одржи проекција на култниот филм „Граѓанинот Кејн“ на Орсон Велс по што ќе следува излагање на проф. д-р Цуцуловски на тема „Навраќање“ и дискусија со публиката. Настанот ќе се одржи на Отворањето на фестивалот на 30 март во Кинотеката на Македонија, со почеток од 19.00 часот. Професорот ќе го повтори излагањето во рамките на ФФФ Караванот, по проекцијата на филмот на 21.04.2017 во Свети Николе. -
Иван Јовиќ и Моња Јовиќ
Иван Јовиќ (Ivan Jovic) е режисер и продуцент на филмот „Исцеление“. Истовремено студирал на Педагошкиот факултет (Специјална едукација и рехабилитација) и на филмската школа Центар за аудиовизуелни комуникации во Белград, Србија. Има раководено со неколку образовни и хуманитарни програми посветени на децата и младите. Тоа го има инспирирано да го направи документарниот филм „Сонувам, а што ми се случува“ (Sanjam, a šta mi se događa, 2000), каде се јавува и како косценарист. Филмот е наградуван на неколку меѓународни фестивали за документарен филм. Автор е и на неколку книги, меѓу кои два романи, а е режисер и на неколку кратки филмови. Неговиот дебитантски долгометражен филм „Исцеление“ (Isceljenje, 2014) има добиено неколку меѓународни и домашни награди. Во 2016 година тој го завршува документарниот филм „Завештание“ (Zavestanje, 2016) откако режира и продуцира архивски филмски проект под истото име. Во 2014 година ја основа продуцентската куќа TERIREM, која покрај горенаведените филмови, реализира неколку други филмски и документарни проекти.
Моња Јовиќ (Monja Jovic) е родена во Хрватска, но ја напушта својата земјата после војната. На Филолошкиот факултет на Универзитетот во Белград студирала српски јазик и книжевност. Долго време работи како уредник во една од најголемите издавачки куќи во Србија кои издаваат учебници. Има напишано и уредувано многу учебници за основно и средно училиште, како и книги посветени на филозофијата на образованието и применетата педагогија. Има објавено научни статии и учествувано во проекти поврзани со алтернативното образование. Моња исто така е сценарист и е еден од продуцетите на „Исцеление“.
Во рамките на 7. Филозофски Филмски Фестивал ќе се одржи проекцијата на филмот „Исцеление“ на Иван и Моња Јовиќ, по што ќе следува мастерклас со режисерот и сценаристот на тема „Теологија на филмот - светлописание на филмот 'Исцеление'“ (31.03, Кинотека на Македонија, 20.00 ч.). -
Вангел Ноневски
Вангел Ноневски (р. 1977, Белград) дипломирал, магистрирал и докторирал (тема од областа на естетиката на интерактивните уметности) на Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје. Неговата дебитантска теориска книга, „Музички бриколаж“, е издадена 2003 година во „Магор“. Три години (2008-2011) пишувал колумни за неколку македонски медиуми. Има преведено шест книги од англиски и една од хрватски јазик. Втората авторска книга/зборник, „Грамофонот како метаинструмент“, ја издаде 2014 година. Како преведувач-уредник бил ангажиран и на македонскиот веб портал „Окно“. Објавува статии, есеи и научни трудови од областите на современата естетика, културните и интердисциплинарните студии итн., во домашни и странски научни списанија. Работи како професор на Универзитетот „Евро-Балкан“ во Скопје и на Универзитетот „Американ колеџ“.
Во рамките на 7. Филозофски Филмски Фестивал ќе се одржи проекција на филмот „Небо од ванила“ (Vanilla Sky, 2001) на Камерон Кроу, римејк на филмот на Аменабар „Отвори ги очите“ од 1997, по што ќе следува излагање на тема „Фикцијата на киберпанкот како автентично искуство на стварноста“ со доц. д-р Вангел Ноневски (03.04, Кинотека на Македонија, 20.00 ч.). Ноневки ќе го повтори излагањето во рамките на ФФФ Караванот, по проекцијата на филмот на 26.04.2017 во Битола. -
Стефан Сидовски
Стефан Сидовски е роден на 3 октомври 1946 година во Скопје. Откако ги завршува студиите по филозофија, во 1973 година се вработува во гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин“ каде што ги предава предметите: етика, естетика, педагогија, филозофија и психологија. Во 1995 година магистрира со трудот „Естетската суштина на филмскиот кадар", а во 2001 година докторира на тема „Естетиката и дијалектиката во монтажата на филмот".
Уште од гимназиски денови се занимава со аматерски филм, прво самостојно, а потоа како член на киноклубот „Камера 300“. Од 1975 е член на „Академскиот киноклуб“. Го носи звањето „Мајстор на аматерскиот филм“, највисоката титула што ја доделува Кино сојузот на Македонија. Има снимено преку 100 независни филмови, а со своите филмови учествувал на многу меѓуклупски и меѓународни фестивали на кои бил наградуван, а некогаш и забрануван. Автор е и на повеќе книги и учебници од областа на филозофијата, естетиката и филмот.
Во моментот Стефан Сидовски работи како вонреден професор по предметите Историја на филм и Теорија на филм на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕФТА во Скопје и зема активно учество на повеќе филмски фестивали и филмски случувања во Република Македонија.
Во рамките на 7. Филозофски Филмски Фестивал ќе се одржи Ревија на кратки филмови и разговор со проф. д-р Стефан Сидовски (05.04, Кинотека на Македонија, 20.00 ч.). -
Јасна Котеска
Јасна Котеска е родена на 9 октомври 1970 во Скопје. Taa e македонска теоретичарка, писателка и редовна професорка на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде предава Словенечка книжевност 19 век, Методика на наставата по книжевност, Постмодерната во македонската книжевност и филм, како и постспецијалистички курсеви за Лакан и за концептот „абјект“ во книжевноста и културата. Котеска е член на Независните писатели на Македонија, Централноевропскиот истражувачки институт Сорен Киркегард во Љубљана, како и на повеќе меѓународни академски советодавни тела.
Котеска пишува и истражува во областите на теориската психоанализа, литературната теорија и родовите студии. Таа работи претежно со 19-вековната филозофија и книжевност (Фројд, Киркегард и Кафка), раната психоанализа, феминизмот, политичката теорија за комунизмот и постмодерната и со широк спектар на теми, како што се: интимноста, санитарноста, траумата, абјектот, повторувањето, концептот на екранските мемории, минијатуризацијата и гестовите.
Во рамките на 7. Филозофски Филмски Фестивал ќе се одржи проекција на филмот „Бранот“ (The Wave, 2008) на Денис Генсел по што ќе следува излагање на проф. д-р Јасна Котеска „Бранот: Човечката психологија и авторитарноста“ (06.04, Кинотека на Македонија, 20.00 ч.). Котеска ќе го повтори излагањето во рамките на ФФФ Караванот, по проекцијата на филмот на 25.04.2017 во Прилеп. -
Драган Проле
Драган Проле е универзитетски професор, Раководител на Катедрата за филозофија на Филозофскиот факултет во Нови Сад. Досега објавил седум наградувани монографии, бил коавтор на четири книги, а бил и преведувач на бројни филозофски дела. Како гостин предавач има одржано предавања и семинари во Австрија, Германија и Шведска. За време на неговите студии остварил престој на Хумболт Универзитетот во Берлин (2002), Вајмар (2003, 2004), Хусерловиот архив на Институтот за филозофија во Лувен (2005), Карл Франценс Универзитетот во Грац (2006), Институтот за филозофија на Универзитетот Карл Рупрехт во Хајделберг (2009), Институтот за науки за човекот (IWM), Виена (2010). Неговите полиња на истражување се: онтологијата, феноменологијата, филозофијата на историјата, антропологијата, естетиката и теоријата на медиумите.
Во рамките на 7. Филозофски Филмски Фестивал ќе се одржи проекција на македонскиот филм „Прашина“ (2001) на Милчо Манчевски. По проекцијата на филмот проф. д-р Драган Проле ќе одржи предавање инспирирано од филмот на Манчевски на тема: „Естетиката и насилството: За филмот ’Прашина’ на Милчо Манчевски“. Настанот ќе се одржи на затворањето на фестивалот на 7 април во Кинотеката на Македонија, со почеток од 19.00 часот. -
Гиорги Абашишвили и Миријам Штен
Гиорги Абашишвили (Giorgi Abashishvili) е роден во Тбилиси, Грузија. Има дипломирано на Техничкиот универзитет во Тбилиси на Факултетот за авијација во 1998. Потоа се сели во Германија каде студира филмска режија на Универзитетот во Касел, отсек Филм и телевизија (проф. Јана Друз и проф. Дејвид Сафариан) каде е избран да започне со магистерските студии по дипломирањето во 2012. Тој е еден од основачите на NUR film group и LPP – Living Pictures Productions каде работи како режисер на играни и докумантарни филмови. Абашишвили е режисер на победничкот филм на ФФФ 2017 СÈ ЗА ЛУЃЕТО, освојувајќи ја наградата „Златен був“ за Најдобар долгометражен филм во 2017 според жирито и според публиката.
Миријам Штен (Miriam Steen) е родена во Хамбург, Германија. Има студирано филмска режија на отсекот за Филм/Телевизија (проф. Јана Друз и проф. Дејвид Сафариан) на Школата за уметност при Универзитетот во Касел. Таа е еден од основачите на NUR film group (www.nurfilmgroup.de) каде работи како режисер и како автор. Таа е режисер на: TICKET FROM THE PAST, 23 мин., 2016; WATERBACKPACK PAUL, 7 мин., 2015; FARMING IN 2020, 2 мин., 2015 и автор на: ALL ABOUT PEOPLE, 72 мин., 2016.
Како победници во Официјалната селекција на долгометражни филмови на ФФФ 2017, Гиорги Абашишвили и Миријам Штен ќе бидат присутни на Специјалната проекција на победничкиот филм СÈ ЗА ЛУЃЕТО во Скопје. Проекцијата ќе се одржи на 5-ти јуни во Кинотеката на Македонија, со почеток од 20.00 часот. По проекцијата на филмот ќе следува дискусија со Абашишвили и Штен и врачување на наградите „Златен був“ за Најдобар долгометражен филм во 2017 според жирито и според публиката.